Речиси секој втор граѓанин на Македонија е против промена на името заради влез на државата во Европска унија и во НАТО, покажуваат резултатите од анкетата на Институт за политички истражувања од Скопје (ИПИС), спроведена од 21 до 26 декември 2017 година.

На прашањето „доколку биде постигнат компромис за прашањето за името, дали би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО“, од анкетираните 47,1 проценти одговориле со „не“, 38,2 отсто со „да“ и 14,7 отсто со „не знам“.

За споредба, на истото прашање во март 2016 година со „не“ одговориле 64,8 проценти од анкетираните, со „да“ 28,3 отсто и со „не знам“ 6,9 отсто.

Половина од граѓаните, поточно 53,5 проценти, сметаат и дека Македонија не може да биде примена во ЕУ и во НАТО без промена на уставното име, 27,5 отсто мислат дека може, а 19 отсто не знаат.

Во однос на поканата за членство во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, пак, 25,6 проценти очекуваат тоа да се случи годинава, 13,5 отсто в година, 19,3 отсто во 2020 година, 8,6 отсто меѓу 2021 и 2025 година, 3,3 отсто по 2025 година, 6,9 отсто никогаш, а 22,7 отсто не знаат кога.