Полицајците ги апселе „Левичарите“ по наредба, наредбодавачите се кријат

Припадниците на полицијата и на АРМ кои што противуставно пред два дена кратко привеле четворица членови на партијата „Левица“ се иритирани од најавите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој најави дека ќе ги казни полицајците доколку се утврди дека ги прекршиле процедурите и законот.

Според припадници на МВР нивните колеги кои што конкретно ја обезбедувале презентацијата на оружје на армијата на САД во центарот на Скопје имале прецизни наредби да оневозможат било каков инцидент во кој што може да бидат доведени во опасност американските војници.

Наредбата која што била донесена од страна на МВР а иста таква е донесена и од АРМ за припадниците на воената полиција, била напишана во директна координација со кабинетите на министерите во МВР и одбраната и таа не оставала многу простор на полицајците. Според наредбата тие морале да ги приведат сите што на било кој начин ја оневозможувале презентацијата, тврдат колеги на полицајците кои што сега чекаат да бидат казнети за извршување на наредба од повисоко ниво.

Тие бараат да се објавата наредбите на двете министерства за да се види дека грешката не е кај полицајците на терен туку на оперативно ниво.

Полицајците кои што ги привеле членовите на Левица наредбата ја добиле во усмена форма од нивните претпоставени кои што сега од нив барале да молчат и да не „креваат врева“ затоа што најверојатно немало да бидат казнети но требало да се почека да се смират страстите.

Американските војници во Скопје се под зголемени мерки за безбедност затоа што тие се сметаат за директна цел на исламистички милитанти структури кои што според американските служби за безбедност се активни и во Македонија. Тие од македонските власти побарале гаранции за максимална безбедност а целата презентација во Скопје била спроведена под посебни мерки за безбедност.

МВР негираше дека членовите на Левица биле приведени туку само легитимирани иако од видеото снимено за време на инцидентот се гледа дека на нив воените и обичните полицајци им ставаат лисици што како мерка се користи само во ситуации кога постои директна опасност по сериозно нарушување на јавниот ред и мир.