И покрај студеното време, стотина граѓани се собраа вечерва за да му приредат жешко добредојде на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, пред хотелот „Мериот“, каде што подалеку од влезот ги држеше силно полициско обезбедување.

„Македонија, Македонија“, извикуваа насобраните од неколку патриотски здруженија, а пееја и „Едно име имаме“.

„Немаме име за продавање!“, порача еден од демонстрантите, а демонстрантка рече дека, како што нејзе кумот ѝ дал име за цел живот и не ѝ паѓа на ум да го менува, така не дозволува ни промена на името на државата, кое, за неа, е „древно и еднаш засекогаш дадено“.

Поголемиот дел од луѓето што протестираа пред хотелот во самиот центар на градот околу пладне се собраа и пред Министерство за надворешни работи, а најавија дека таму ќе дојдат и утре за време на официјалните разговори.

Обединети во СУМ (Сите за унитарна Македонија), десет организации тогаш имаат намера да им порачаат на Коѕијас и на неговиот македонски колега Никола Димитров дека не прифаќаат промена на уставното име на Република Македонија, односно да побараат итен прекин на разговорите за разликата за името.