Наспроти изјавата на рускиот претседател Владимир Путин при ланскиот прием на неговиот македонски колега Ѓорге Иванов во Москва дека писменоста во Русија дошла од македонската земја, шефот на бугарската држава Румен Радев со став дека Бугарија им даде писменост на словенските народи, што значи и на рускиот.

„Нашите духовни врски се формираат во текот на многу векови, во многу тешки времиња за двете земји. Затоа тие се толку силни. Да не заборавиме, сепак, дека Бугарија им даде писменост на словенските народи. Тоа е наше достигнување, гордост и наследство, за што сме навистина горди и ние ревносно го чуваме“, изјави Радев во интервју за новинската агенција ТАСС, чија видеоснимка ја емитуваше руската државна телевизија Росија 24.

Путин, пак, на 24 мај минатата година на Иванов му рече дека словенската писменост во Русија е дојдена од македонската земја.

„Вие дојдовте во Русија во необичен ден и по необичен повод – за доделувањето на наградата на Фондацијата ‘За единство на православните народи’. Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја. Сакам да ве поздравам со оваа награда“, изјави тогаш првиот човек на Руска Федерација.