Силјановска – Давкова: Како „ЈА ЗАГРОЗИВМЕ“ националната гордост?

Пишува: Гордана Силјановска – Давкова

Падна тешко обинение за загроза на националната гордост. Се прашувам: дали ако барате за Република Македонија ист третман во ОН како и за другите држави; ако се повикувате на меѓународното право: Повелбата, Времената спогодба и пресудата од Хаг (каков е тој Меѓународен суд на правдата чии пресуди не важат?!); ако потсетувате дека и македонскиот народ, како и сите други народи (и балканските), во 1944 год, низ антифашистичка борба, рамо до рамо со сојузниците, се избори за национална држава „Демократска Република Македонија); ако е ноторен факт дека македонскиот јазик повеќе од 50 години бил службен јазик, не само на републичко, туку и на федерално ниво (покрај српско-хрватскиот и словенечкиот); ако тврдите дека, врз основа на правото на самоопределување, загарантирано со Повелбата, македонскиот народ влезе во ФНРЈ, а врз основа на правото на самопределување до отцепување (загарантирано со Уставот од 1974 за шестте републики) излезе од федерацијата; ако се сеќавате дека не со војна, туку со референдум, со огромно мнозинство „за“, станавме самостојна и независна држава; ако укажувате дека „Република Македонија“ е меѓународна реалност од 1944, а македонското, покрај југословенското државјанство постоеше од 1946 до осамостојувањето; ако велите дека македонскиот национален идентитет постоел и се градел и пред пред да се формира „ Република Македонија“ и дека Македонци имало и македонски народен јазик се говорел и пишувал и пред да се формира современата македонската држава; ако потсетувате дека Република Македонија е рамноправен правен сукцесор на СФРЈ, дека дури и во акронимот „бивша југословенка Република Македонија“ (кој лажно го претставуваат како наше „ИМЕ“, иако НИЕ немаме обрска да го употребуваме) не можеле да го избегнат името „Република Македонија“ …. ја ЗАГРОЗУВАТЕ ли националната (етничка и граѓанска) гордост ??

Никој не го цитирал почесто од МАКЕДОНЦИТЕ Тукидид, не само кон надвор , туку и внатре, во државата… Небаре среде Пелопонески војни сме. Ама, зарем светот (оној на силните-малубројни и оној на слабите – многубројни ) претпочита ОН да наликува и заврши како Лигата на народите? Зарем не ја гледаме неодржливата контрадикција меѓу инсистирањето на Rule of Law, како предуслов за членство во Советот на Евопа, НАТО и ЕУ и неговото негирање /маргинализирање на меѓународно ниво? Зарем трајниот мир на Кант, како белег на западното општество е можен без почитување на правото и правдата , без вредносен компас и без ИДЕАЛИЗАМ, за да се заузда реализмот/дарвинизмот? Чуму се меѓународните институции ако не се држат до правните основи врз кои никнале, ниту до правните норми, конвенции и обичаи врз кои функционираат?

Пресвесни дека сме не само мали, туку и лоцирани на гео-политичката линија на „огнот на големите сили, се согласивме на БРОЈНИ ОТСТАПКИ, верувајќи дека ќе бидат ПОСЛЕДНИ и ќе стават крај на КОНСТРУИРАНИОТ СПОР, во кој, не само што се заборави начелото “qui prior est tempore potior est jure”(првиот во времето е посилен во правото), зошто Република Македонија се роди во 1944, а трите грчки региони (невести, што би рекол Козиас), во 1988, туку и common sense, зошто, нелогично е да споредувате држава, како меѓународен субјект со РЕГИОН и да „мудрувате“ дека логично е да се (О)СМИСЛИ име со кое ќе се направи „географско“ раграничување на терироријата на „Република Македонија“ од географска Македонија ( Вардарска, Егејска, Пиринска)…!? А, зошто тогаш Република Бугарија не бара(ше) да го смениме името од истите причини, туку напротив, не се согласува со име со географска одредница???

Замислете: Обединетото кралство (Велика Британија и Северна Ирска), да бара од Република Ирска да го смени името и да се преименува во Јужна Ирска? Не гледаме само географија (реки, ливади, планини) туку читаме и помниме топоними, ороними…. учиме етнографија, археологија, историја … .

Два пати го менувавме уставот, па се поставува пршањето : дали суверенитетот во Република Македонија извира од нејзините граѓани, или и од граѓаните на Грција, зошто и по трет пат, грчките политичари бараат уставни промени.

Ако го сменивме знамето од Кутлеш/Вергина, ако Грција ни наметна економско ембарго, спротивно на Повелбата на ООН, но и на основните договори на ЕУ; ако прифативме бизарна референца, чија употреба , наместо во рамките на ОН, се прошири во Советот на Европа, во ЕУ и насекаде; ако потпишавме Времена спогодба и толериравме трансформација на разговорите во преговори „за надминување на разликите за НАШЕТО ИМЕ ( contradictio in adjecto); ако не отстапивме од Времената спогодба ни по истекот на седум години по нејзиното потпишување во 1995 година (мораториум за откажување), ниту потоа, па дури ни по пресудата во Хаг, иако Судот утврди дека е прекршена од ПРВАТА СТРАНА, туку продолживме да се однесуваме bona fide; ако се соочивме со непочитување на пресудата на МЕЃУНАРОДНИОТ СУД НА ПРАВДАТА од НАТО и ЕУ, а сакаме во нив заради ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО, а од ОН ( основачот на судот) немаше никаква (ре)акција, ЗАРЕМ НЕ БЕВМЕ ТОЛЕРАНТНИ и КООПЕРАТИВНИ СОСЕДИ?

Бранителите на македонската гордост, предупредуваа на „губење време и пари“ по судски процеси, знаејќи дека по „судовите“ , попусто ќе го ризикуваме националното достоинство …. Ама, секој суд суди врз основа на правото, а ние не верувавме дека ќе бидеме „Слугата Јернеј и неговото право“ или „ Јазовец пред суд“ во XXI век пред Меѓународен суд на ПРАВДАТА!!

Повикот за фаќање на последниот воз го слушам(е) од 1991 година… Како да го фатиме последниот воз кога немало претходни возови , зошто во овие 27 години не изградивме европски пруги… па нашите возови не одат ни до Солун, а камоли до Брисел, а згора , дури и на домашните релации се каменуваат, како во времето на Дивиот Запад !!

Се мислам, што ќе се случеше ако судскиот спор во Хаг го добиеше Грција? Сигурна сум дека тогаш, НАТО, ЕУ и ОН бирократите, како и гордите македонските реалисти ќе станеа ПОЕТИ и ќе пишуваа СОНЕТИ за меѓународното право и правда. ЛИБЕРАЛНИТЕ и ПРОГРЕСИВНИ мислители ќе ги рецитираа на сите вести и во рамките на утринските, дневни и ноќни дебати, ќе се засилеа странските донации за промоција на важноста и почитувањето на меѓународното право. Почитувањето на пресудата ќе станеше услов за влез во НАТО и почеток на преговорите.

Се плашам дека , како што се тргнале работиве и од Делчев („Светот го разбирам како поле на КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР НА НАРОДИТЕ“) ќе треба да се откажеме. „Очекувам“ и тој да биде дел од пакетот на Козиас, зошто е роден во Кукуш, а таков град нема (оти е преименуван во Килкис со „кралски декрет за промена на имињата на окупираните територии“, па ќе не прогласат за иредентисти ако го споменеме… Ке мора да не само заборавиме историјата, туку и да ја избришеме од книгите, сликите, песните…

Но, како да заборавам дека мојот татко, за време на НОБ, со неполни 20 години , како борец на Македонско- косовската бригада бил делегат на Младинскиот конгрес во село Фуштани, во Егејска Македонија? Како да ги избришам врежаните настани од татковите кажувања за Фебруарскиот поход ? Како да не ги гледам ордените за храброст на едно момче кое знаело дека се бори за своја држава? Зарем да се утешам со песмата „За идеале гину будале“?

Република Македонија нема територијални претензии кон Грција, ниту се меша во нејзините внатрешни работи, за разлика од неа, но и од други соседи. Македонците во Северна Грција се лојални граѓани на Република Грција, дел од европскиот демос во настанување и европската политичка заедница во формирање. „Виножито“ е дел од Европскиот Парламент. Ама, во Северна Грција имало и има Македонци, односно македонско малцинство, не зошто ние го измислуваме , туку затоа што е тоа ноторен факт, потврден повеќе пати од надлежни меѓународни органи и организации, па и со одлуки на Судот за човекови права во Стразбург.

Ако неодамна, премиерот изјави дека три од седумте точки се решени, а „специјалиот“ пратеник не информира дека сите седум точки се апсолвирани и останувааат детаљите и нивното преточување во меѓународен договор, Козиас ја урниса преговарачката еуфорија, соопштувајќ дека „треба да се смени „Уставот на Скопје“ и дека Грција е волна да ни даде дури и grace период за негова промена!!

Чудно, ама ова не зазвучи како географија, наместо историја, туку обратно: како да сака да не врати во времето на античките градови-држави, па Република Македонија стана „Скопје (град – држава)“ !!

Наместо во преговорите со Грција да зборуваме во еден глас , ние настапуваме дисонантно, соочувајќи се со изјави на пратеник , како неовластено лице во својство на „ преговарач“, со јавно изразена лична определба на министер за преферирани предлози, со судир на надлежности, противречни соопштенија од грчка и од македонска страна, траспарентност на процесот во Грција и нетранспарентнот на процесот кај нас.

Чекајќи го пакетот на Козиас, наместо на Нимиц, се плашам да размислувам за историскиот, политичкиот, културниот и правниот хаос што ќе случи доколку се посегне по уставни измени, односно по конституционализација на новото ИМЕ ЗА „СЕВКУПНА УПОТРЕБА“ , надворешна и внатрешна!!?? Уставен кошмар: замислете ја Преамбулата, називите на државните институции, заштитата на културното наследство, релациите со нашето националното малцинство во соседните држави, или на иселениците во дијаспората… .

БРАНИТЕЛИТЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ГОРДОСТ кон изјавата на Грчкиот министер за надворешни работи се однесуваа како кон соопштение за временска прогноза, во кое се соопштува степенот на загадување, зошто ние станавме „имуни “ на ПM честичките, а камоли на преименување!! Ја третираа како ФЧЕРАШНА ВЕСТ, веројатно свесни дека штом „ПРЕЖИВУВАМЕ “ еколошка катастрофа, можеме и промена на име!!

Сигурна сум дека никој од потпишаните, немал намера да демонстрира интелектуален капацитет преку објавување и потпишување „ПРОГЛАС“. Зад Прогласот, како граѓански добронамерен акт на укажување, советување и предупредување, застанаа различни профили на луѓе, со свои, не секогаш и по сите детаљи исти мислења, но, со ЗАЕДНИЧКИ став за важни актуелни прашања врзани за ИМЕТО.

Очекувавме аргументирана критика на критиката. Од малкумина ја добив(ме) и истата заслужува разбирање и почит. Ама, пак се соочивме со говор на омраза, омилен и редовно (зло)употребуван од луѓе кои се повикуваат на слободата на мислата и нејзиното изразување, па дури и се платени за нејзина промоција и заштита!!

Да не говорам за искривената и злонамерна интерпретација на Прогласот. Ако во него се инсистира на македонски црвени линии, тогаш, на нив гледаме како на sine qua non на балансот на преговарачката моќ , неопходен за достоинствено решение, важно кога правото и правдата се на наша страна.

Во Прогласот не се квалификувани политичарите како предавници, како што тоа постојано се повторува, туку се предупредени политичарите како од власта, така и од опозицијата дека доколку се оглушат на укажувањата, можат да бидат запаметени и како такви.

Дежурните критичари на Прогласот во него “читаат“ дека „веднаш треба да се прекинат преговорите“, иако во него пишува дека „веднаш треба да почнат консултации за прекин на преговорите“, трагајќи по можно решение на конструираниот спор in medias res (ОН), каде дојде до кршење на Повелбата (меѓународното право) при приемот на Република Македонија за нивен член.

Неспорно е дека ОН е меѓународна политичка организација, во која најголемо влијание имаат најголемите држави. Ноторен факт е дека три членки на Советот за безбедност и 137 држави, членки на ОН се солидаризираа со Република Македонија, признавајќи ја под уставно име од правни, етички и политички причини, но најмногу водени од условите за прием, утврдени во Повелбата, како и од Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од далечната 1948, според кое, на апликантите за членство НЕ СМЕАТ ДА ИМ СЕ НАМЕТНУВААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОВИ при приемот!!

Во барањето излез од ПОЛИТИЧКИОТ ЛАВИРИНТ и ПРОКРУСТОВАТА ПОСТЕЛА во која сме, предлогот на проф. д-р Игор Јанев презентиран одамна, заслужува внимание. Сме го чуле/прочитале и од други, па дури и од некои негови најостри сегашни критичари: „ НЕМА ШТО ДА ИЗГУБИМЕ ОД ЗАВРШУВАЊЕТО НА ПОСРЕДНИШТВОТО ВО ЊУЈОРК. ИСТОВРЕМЕНО ГУБИМЕ ДРАГОЦЕНО ВРЕМЕ И ПОЗИЦИЈА СО НЕГОВОТО ОДРЖУВАЊЕ“(Фрчковски).

Што се однесува до „ПРЕДАВСТВОТО “на интелектуалците (не се нарековме така), имам голема резерва кон етнички дефинирани и димензионирани интелектуалци: македонски интелектуалци, албански интелектуалци….. не звучи баш интелектуално..
Чудно е албанска интелектуалка, која јавно обвинува за „ ПРЕДАВСТВО“ на интелектуалците, да толерира ПРЕДАВСТВО на ЕВНОМИЈАТА и да подржува политика надвор од правото. Правник и професор по право не треба да брани неуставни законски решенија и лоша номотехника, не треба да толерира кршење на Деловникот, злоупотреба на европското знаме, непочитување на уставно гарантираното вето на претседателот на државата!!

Очекувано е интелектуалка да не навива за Тиранска сепартиска Политичка платформа/Декларација ! Природно е интелектуалка, правничка и професорка да има дилема околу воениот конфликт во 2001 година, знаејќи дека силата, согласно актите на ОН се толерира само во услови на НЕПОДНОСЛИВИ УСЛОВИ НА ЖИВОТ И ВЛАДЕЕЊЕ… Предавство на правото и правдата е да се премолчи амнестијата за дела против човештвото, сторени за време на конфликтот!

Интелектуалка-шарена револуционерка, во името на правото и правдата не смее да толерира деактивирање на бомбите против „своите“, ниту сослушување на нејзин соборец ( Муратовски) од страна на полицијата со лисици на раце! Интелектулка –феминистка не смее да премолчи духовно насилство од висок партиски функционер на ДУИ врз една од најумните жени – пратенички……

Дека враќањето на прашањето за името in medis res, односно во Генералното собрание не е глупост и предавство, туку можна опција, покажува интензивното грчко консултирање и испитување на расположението на земјите – членки.

Во рамките на стратешкиот/системскиот пристап кон прашањето за името, по судски утврденото кршење на Времената спогодба и обидот за маргинализирање на ПРЕСУДАТА на Судот на правдата во Хаг, (формиран од ОН), Грција не остава ништо на случајност. Ги истражува сите можни чекори на „втората страна“- Република Македонија. Не е тајна дека најсилните држави се највлијателни во одлучувањето во ОН.

Можеби изгледа политички наивно да се повикуваш на правото во таков амбиент, ама во случај на крајна нужда, вреди и таков обид, имајќи ги на ум неколкуте случаи на право и правда vs сила во ОН, меѓу кои и последниот : Палестина vs САД!!

Свесна сум дека „ спорот“ ќе се „ решава“ прагматично и по брза постапка и дека нашите преговарачи се соочени со притисоци, тешки дилеми и искушенија не само однадвор, туку и одвнатре.. .

Додека некои интелектуалци со КРИК укажуваа(т) на насушната потреба од ангажман на сиот ум и знаење во инкременталистичкиот пристап кон проблемот, зошто под притисок на времето нема време за градење рационален модел, чувме министерска препорака до медиумите да нема дебати за името. Се разбира, „добедојдени се“ монолозите на политичарите или квази дебатите меѓу истомислениците…

Важно е да се тргнат/замолчат „неуките“ професори и експерти кои зборуваат глупости за (не)надлежноста за склучување меѓународни договори, укажуваат на божемни пречекорувања на уставните овластувања, инсистираат на почитување на процедурата, зошто тие гледаат со „розови очила“, а политичарите со футуристички ПОЛИТИЧКИ ДУРБИН!!??

Интересни мисли : професор по Уставно право не може да го знае подобро Уставот, законите или деловникот од пратениците, зошто тие се надлежни за нивното донесување и менување!! Не ме чуди ваквиот вокабулар, зошто во оваа земја, привилегираниот партиски, политички, административен и економски, статус, на некои личности им донесе не само универзитетски дипломи,туку и магистерски и докторски титули по СКРАТЕНА ПОСТАПКА. Небаре со европско знаменце, за кое чувме дека е во рацете на Владата и таа може да го стави кога сака и каде сака.

Ама, европското знаме, само по себе не ги прави ЕВРОПСКИ ниту партиите, во кои се вее, ниту законите на кои е аплицирано. Па, нашите пратеници не станаа Англичани и џентлмени со одењето во колевката на парламентарната демократија. Нивното место е во пратеничките клупи во Собранието, пред очите на македонската јавност, а не на специјални заседанија во Париз, или Охрид…..

Нека престанат да вежбаат техника на „брзи прсти“ во гласањето и нека не носат важни одлуки без опозиција, зошто така ја повторуваат старата непарламентарна, недемократска приказна. Ако ги отворат собраниските порти за специјализираните невладини организации, за засегнатите општествени субјекти , како и за домашните и странски експерти во комисиите, ќе ги соберат плодовите на знаењето и ќе го подобрат квалитетот на одлуките. Ама, тие се верни наследници на претходните во кршењето на процедурата, партиската окупација на сите институции, злоупотреба на буџетските сретства (наши пари) за купување политичка лојалност…..

Свесни ли се пратениците за КРИЗАТА на РЕПРЕЗЕНТАТИВНАТА ДЕМОКРАТИЈА и за КРИЗАТА НА ПАРТИИТЕ, заради незастапување и неадресирање на интересите на граѓаните, туку на сопствените? Знаат ли дека легитимитетот се мери со бројот на пратенички мандати и дека е потрошна категорија? Математички кажано, ако на партијата и паднал бројот на пратениците на половина , тогаш и се стопил и легитимитетот за половина. Ќе го сменат ли коалиционите партнери политичкото поведение, неупотребувајќи ја коалиционата моќ за притисоци и отстапки, туку за подршка на реформите и зајакнување на преговарачката позиција за Република Македонија!!

За реформи не е доволно да се нарачете „реформска влада“, туку да почнете сериозно да се справувате со криминалот и корупцијата, да обезбедите услови за просперитетна економија, независно судство, квалификувана администрација, ефикасно здравство, квалитетно и компетитивно образование…… нормална, стандардна, функционална држава.

Потписниците на Прогласот ја разбираат тежината на политичкиот момент, ама не го перцепираат како „СУДЕН ЧАС. Би била најрадосна да се постигне достоинствено решение, ама имам дилема околу критериумите за (НЕ)ДОСТОИНСТВЕНОСТ, оти нашииот праг на ТОЛЕРАНЦИЈА стана ПРЕВИСОК, ако не и без плафон.

Не можам, а да не потсетам дека некои од гордите Македонци, кои ги обвинуваат потписниците на Прогласот за отсуство на национална гордост, во изминативе две и пол децении имаа висок политички статус што им овозможуваше активно учество и влијание врз решавањето на спорот за името. Кога денес повикуваат на прагматичност и спремност за прифаќање композитно име во кое „ДУРИ“, ќе се споменува Македонија (трауматизирани од Лисабон), треба да се сетат на политичката епизода проследена со барање за разрешување на специјалниот пратеник на претседателот Киро Глигоров, Васил Тупурковски, заради сознание дека РАЗГОВАРАЛ со г-динот Алојз Мок за име со географска одредница!!

Освен тоа, нека не се чудат на целосно изменетиот формат на преговори, од кои исчезнаа ем медијаторот, ем преговарачите, зошто тие повикуваа на храбро превземење на одговорноста за името од страна на премиерот и Владата.. И… се случи Давос…. сега го чекаме ПАКЕТОТ!! Се надевам дека нема да биде Данајски подарок…..Тројански коњ….
Нека не се чудат гордите мислители ако ПАКЕТОТ е Пандорина кутија. чие отворање може да не доведе до ИДЕНТИТЕТСКИ ШОК, зошто додека Кризната група, Нимиц, Ципрас и Козиас повторуваа дека и ИДЕНТИТЕТОТ Е ДЕЛ ОД ПАКЕТОТ, хористите КАТАДЕН ја убедуваа македонската јавност дека ИДЕНТИТЕТОТ е неспорен!!

Не ми е јасна споредбата на потписниците на Прогласот со „слични на нив“ (демек, националисти) кои извикуваа „Македонија е грчка“, „ не постојат Македонци… нема македонски јазик… не смее да постои зборот „ Македонија“ во името на северниот сосед…Република „ Скопје“… Скопјани… (се плашам да ги набројам другите квалификации). Ние не бараме да се преименуваат трите грчки региони, иако веќе кажав дека наједноставна differentia specifica е пред нив да стои придавката „ грчка“: Грчка Централна Македонија, Грчка Западна Македонија и Грчка Источна Македонија ….. и …. НЕМА СПОР .. Ние ниту полагаме право на сопственост врз Античка Македонија или географска Македонија.. се залагаме за задржување на стеченото и непотрошно право на самопределување, загарантирано со Повелбата на ОН, бараме да си го задржиме името на државата, јазикот и државјанството, потсетуваме дека сме реалност…

За жал, сиве овие години, македонските власти, но и меѓународната заедница се усредсредија само на традиционалната дипломатија, но и неа не им ја препуштија на дипломатите , туку ја ГРАБНАА и заразија со балканска политика на незнаење, лажење и манипулирање. Не отворија простор за КУЛТУРНА ДИПЛОМАТИЈА , за благотворна соработка на грчкото и македонското цивилно општество, за заеднички проекти во науката, уметноста, економијата, образованието, спортот, забавата…… Да го стореа тоа, сега ќе се соочеа со анти-политички протести и во Грција и во Македонија, со граѓански барања за ОТВОРЕНИ граници, за подршка на Грција на Република Македонија во евроинтеграциите….. но и за македонска подршка на Грција во надминувањето на економските проблеми. Ама, така ќе изгубеа можност за злоупотреба на СПОРОТ за добивање изборни поени со национализам и ксенофобија……

Сепак, има синергија меѓу Прогласот на 200-те иницијатори и Прогласот на 56-Грчки интелектуалци, објавен во Елефтеротипија во 2006 година, потпишани со име и презиме, како и со неколкуте министри со слични ставови, обзнанети во 2008 година, кои велат дека треба да се почитува името “Република Македонија“. Со својата интелектуална величина тие се качија на ОЛИПМ!!

Дали сме и за нив, како за некои наши бивши политичари закана за националната гордост, или ТИЕ се ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ и ПРИСТОЈНИ ЛИЧНОСТИ кои го почитуваат соседот и неговото, еднакво на нивното, право на самоопределување. ГОРДИТЕ ГРЦИ имаа(т) разбирање за ГОРДИТЕ МАКЕДОНЦИ И ГОРДИТЕ МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ…

Креативните „конституционалисти“ открија дека Уставот не забранува промена на името. Тоа што никаде не пишува дека името може да се смени по уставно утврдена постапка , како што пишува за промената на границите, на пример, нив не ги тангира. Веројатно „се водат“ од став 2 на член 8, според кој „ во Република Македонија слободно е се што со Устав и закон не е забрането“. Какво (не)знаење!!

Имено, „авторите“на Уставот (како што погрешно новинарите ги нарекуваат членовите на групата што ја подготви работната верзија на Уставот, меѓу кои нема ниту еден конституционалист) направиле номотехничка грешка, па наместо кај „слободите и правата на човекот и граѓанинот“, оваа одредба ја лоцирале кај темелните вредности. Ама, секој кој знае Уставно право, знае дека оваа општопозната формулација од многу устави и документи за слободите и правата, се однесува само на поединецот/индивидуата/граѓанинот, а не на политичката власт…

На крајот: не е тешко да се утврди разликата меѓу оние кои говорат и пишуваат ПО СВОЕ, односно од убедување и оние кои креативно с(т)имулираат, инсинуираат, инструираат, рецитираат, рециклираат, (де)репетираат, … како Јануси со сто лица.. И првите и вторите заслужуваат Волтеровски однос. Не, јас никогаш нема да кажам дека некој/некои од нив се „СРАМНА СУРИЈА И БУЛУМЕНТА…. … Изречените и напишани зборови го сликаат АВТОПОРТРЕТОТ.. Доволно е да се прочитаат: „ Кога плачеше Ниче“ од Ирвин Јалом и “Доријан Греј“ на Оскар Вајлд. Во нив ќе ги препознаете едните и другите!!

П. С Една информација: бившиот премиер, г-дин Никола Груевски го имам видено еднаш во животот, при расправата во Владата за еден ЛОШ ЗАКОН (Законот за високо образование), како една од двете претставнички на Професорскиот пленум!! По долгата и жестока дебата во која претставниците на универзитетот настапија со сериозни аргументи, вети дека ќе го повлече законот. Го стори тоа.

По ТОН правни аргументи, јасни за секој човек со логика (прочитајте го сами законот), истото го очекував и од премиерот Заев во однос на Законот за употреба на јазиците, како ЛОШ ЗАКОН. Искрено, не верувам дека со амандмани може овој ЛОШ закон да стане ДОБАР.

Ама, во четвртокот, професорот , за кој законот едно време беше „здрав како дрен“, а потем му дијагностицираше СРЦЕВА МАНА, во емисијата кај Оливера Трајковска се обиде со правно надрилекарство, преку вештачко дишење да го втурне во правниот сообраќај, ПУКАЈЌИ по Уставот, Деловникот и здравиот разум. Ваква не само лаичка и површна, туку и погрешна интерпретација на правото на вето и постапката по него, немам чуено од студент во сета моја професорска кариера на Уставно право. Да не зборувам за СКАНДАЛОЗНОТО незнање на судството, манифесирано во емисијата. Не дај боже тој да го РЕ(ДЕ)ФОРМИРА!! За жал, IGNORANTIA NEMO NOCET( Незнаењето никому не му штети!) по кој знае кој пат!!