Српски колумнист се чуди што Македонија не ја нарекле Тракија?!

Крајно необичен коментар за територијалните претензии на балканските народи, а кој во најголем дел е посветен на Македонија, излезе во српскиот весник „Данас“, а завршува со чудење на авторот како никому не му текнало Македонија да ја нарече Тракија?!

Досега невидениот поглед на македонско-грчките конфронтации низ историјата до денес на авторот Светислав Басара, насловен „Балкански замешателства“, а во кој Македонија ја именува и со префиксот БЈР, го пренесуваме во целост.

„Општопозната е лакомоста на малите балкански народи спрема големи територии, така што во таа работа ние Србите воопшто не сме исклучок. Неволја е што сме правило и што, кога ќе ни се фати јазикот или ќе ни се затне устата, за територијалните претензии проговараме со задникот, за разлика од самопрогласените браќа по лакомост Грците, Бугарите и Албанците, кои своите големодржавни соништа ги сонуваат потајно, што подалеку од очите и од ушите на белосветските моќници, секогаш подготвени на малите, слободарски народи, да им ги замрсат конците, најчесто со помош и на трошок на соседниот мал слободарски народ.

Балканската територијална среќа е многу променлива, па така, да речеме, БЈР Македонија во сништата на помесните националисти во текот на поновата историја стануваше (а богами и продолжува да бидува) Западна Бугарија, Северна Грција и Источна Албанија, иако само нам, на Србите, ни се посреќи извесно време и формално да биде Јужна Србија.

Но, види го сега ѓаволот малку (или ни малку) познат на пошироката јавност. Своевремено и БЈР Македонија – тогаш во социјалистичката алотропска модификација – Северна грција ја сметаше за Јужна Македонија, а своите територијални претензии (кои тогашните сојузни комунистички власти премолчено ги толерираа) ги темелеше на поприличниот број словенски Македонци што живееја во таканаречената Егејска Македонија, а кои – кога во Грција престана метежот на граѓанската војна – или беа хеленизирани, или протерани – во обата случаја присилно.

Потем СР Македонија преку ноќ стана ‘бивша’, но – за подбив на ТАНЈУГ – сепак, некако продолжи да постои, против што ни Грците, начелно, немаа ништо против, освен што ѝ го оспоруваа правто да се вика ‘Македонија’, бидејќи Македонија е, како што бидува, „срцето на Грција“, и тоа – ова ќе ви прозвучи познато – ‘според историското право’.

Ајде затоа да ѕирнеме во историјата. Во антички времиња – од кои Грција го изведува своето право – Хелените ги сметале Македонија и Македонците за варвари и по никоја цена не сакале Македонија да биде дел од хеленскиот свет, но Македонците сакале поинаку, па – бидејќи повоинствени и повешти со оружје – Грција за час ја претвориле во Македонија. Било како што било, северните граници на тогашна Македонија/Грција завршувале (ако им се верува на древните картографи) на бреговите на Охридско и на Преспанско Езеро, каде што помалку или повеќе се и денес. Можеби сега се прашувате како тоа Македонија (и СР и БЈР) нагло се прошири сè до границите на своевремено автономната покраина, а сега лажна република Косово. Еве како! Така што Грците во лакомоста ја растегнаа далеку надвор од сопствените можности и со тоа ја поместија до границите на преткумановска Србија, која, да кежеме, беше и поблизу у побрза. Сега во Солун беснеат протести поради можноста Грција да признае дека Македонија се вика Македонија, па ме чуди што никому не му паднало на памет БЈР да ја нарече Република Тракија, бидејќи нејзината сегашна територија во античко време така се викала, а Тракијците во меѓувреме изумреле, па никој нема да негодува“.