Стивен Милер: Нова, Словенска Македонија или Пајонија е решение за името

Професорот Стивен Милер од Универзитетот во Калифорнија кого што грчките медиуми го претставуваат како водечки светски археолог тврди дека Македонците немаат право да го користат името Македонија затоа што тие се Словени според националност.

Грчките медиуми интервјуто со Милер кој со децении прима пари за своите истражувања од страна на грчкото министерство за култура, го направиле веднаш по посетата на шефот на македонската дипломатија на Атина со што јасно даваат до знаење дека и покрај оптимизмот шансите за решение на долгогодишниот спор се минимални поради отпорот во грчкото општество.

Според Милер во минатото имало периоди кога некои се сомневале дали Македонците се Грци но доказите за тоа се премногу присутни за таква дилема и затоа тој ги повикува сите да ги прочитаат написите на таа тема на сајтот www.macedonia-evidence.org каде што пишуваат автори со децении спонзорирани од грчката влада.

Милер тврди дека не е реалистично да се верува дека Грците би почитувале богови кои што живееле на „туѓа територија“ затоа што Македонија секогаш била Грчка и пред 1500 години и сега. Според него нема македонски јазик различен од грчкиот во времето на Александар Велики а големиот воин секогаш се идентификувал како Грк. Не е можно Аристотел нему да му предавал на словенски јазик, смета Милер.

„Целта на Тито била да ја анектира вистинска Македонија за да има пристап до Егејот и затоа децата во скопските училишта имаат мапи на кои е прикажана „Вистинска Македонија“ која што се протега до Олимп. Сигурно знаете за изјавата на државниот секретар на САД Едвард Стетиниус од 1944 година во која тој вели дека разговорите за македонска нација, македонски јазик, татковина и македонска национална свест немаат етничка и полтичка реалност и се напад врз Грција“, вели археологот кој во интервјуто зборува за политички и современи прашања кои што не се во неговиот домен на експертиза.

Според него се до 580 година од нашата ера нема доказ за присуство на Словените во Македонија и секој обид да се поврзат словените со античките Македонци е неоснован.

Милер тврди дека напорите на Македонците да го добијат правото на македонското културно и историско наследство имаат територијални цели а доказ за тоа е што во Скопје се продава кафе и кисела вода со името Пела која што се наоѓа во Грција.

Според него Македонците се обидуваат да го украдат грчкиот идентитет затоа што немаат свој а за да го надминат својот проблем со агресивна дефанзивност ним им треба образование и враќање кон Патраос кој што бил крал на Пајонија на чие име единствено имаат право.

За него за да се избегне проблемот со Грција најдобро ќе биде Македонците да прифатат име како Нова Македонија или Словенска Македонија но најдобра варијанта според Милер е Пајонија.