Студија: Студентите се борат со корупција, а не си ги знаат правата

Дури 54% од испитаниците студенти сметаат дека корупцијата е широко распространета во високото образование а  70% од испитаниците не знаат дека постои закон за Заштита на укажувачите. Речиси 83% од не знаат дека институцијата каде студираат има овластено лице за прием на пријави од укажувачи. На универзитетите не се регистрирани пријавени случаи на корупција открива студијата која се фокусира на ефектите од примената на Законот за заштита на укажувачите и можностите за негова примена во спречувањето на корупцијата во високото образование. Ја презентираше Институтот за стратешки истражувања и едукација, изработена како дел од Мрежа 23+.

Во документот е опфатена актуелната законска рамка за спречување на корупцијата во високото образование, особено Законот за заштита на укажувачите, како и компаративните искуства и најдобрите практики во оваа област. Покрај тоа, во студијата се обработени и примарни податоци, обезбедени преку спроведена анкета со студентите и со вработени, како и преку организирање на тркалезни маси во четирите универзитетски центри во земјата.

Во делот на прашањата за утврдување на состојбите со корупцијата во високото образование, констатирана е разлика во добиените одговори кои ги мерат искуствата, наспроти перцепциите на студентите.

„Имено, вкупно 12 испитаници одговориле позитивно на прашањата дали некогаш биле жртва на корупција за време на студирањето (7 проценти), додека дури 235 студенти, односно речиси 47 проценти, изјавиле дека биле сведок кој нешто слушнал за корупција во високото образование.

Иако повеќе од половината анкетирани студенти сметаат дека постои корупција на универзитетите, а 7 отсто од анкетираните навеле дека биле жртва на корупција, на универзитетите не се регистрирани пријавени случаи на корупција. Тоа покажува дека постојните механизми за спречување на корупција во високото образование се нефункционални“, стои делот на заклучоци во документот.

Најчеста практика против која реагираат студентите претставува принудата да се купи учебник за да се положи предметот или да се добие повисока оценка. Понатаму, се вели во Студијата, вкупно 78 отсто од испитаните студенти изјавуваат дека не би пријавиле коруптивно дело бидејќи се плашат, или оцениле дека нивната пријава нема да промени ништо, односно нема да се постапи по неа.

„Тоа не’ води до заклучок дека не постои амбиент на доверба кон институциите за спречување или пријавување корупција“, велат авторите на истражувањето.

Заклучено е и дека, слично како студентите и вработените лица на универзитетите не се запознаени со постоењето на Законот за заштита на укажувачите, како и можностите што ги нуди во послед на спречување корупција во високото образование.

Меѓу другото, стои и дека со исклучок на Универзитетот „Гоце Делчев“, останатите универзитети опфатени во истражувањата немаат доставено извештаи до Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно Законот.

Документот нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Собранието на Република Македонија и универзитетите. Исто така, за студентските организации/студентски правобранител е потенцирано дека „треба да играат проактивна улога во заштитата на правата на студентите и да иницираат дијалог меѓу студентите и факултетите за прашања поврзани со корупцијата“.

„Треба да воспостават механизам за информирање на студентите и нудење помош во случаи на злоупотреба. Преку отворање на оваа тема, во јавноста да го поттикнат градењето на доверба на студентите во институциите кои им стојат на располагање“, стои како препорака до студентските организации/правобранител.