Доколку Македонија и Србија никогаш не влезат во ЕУ, и ако Русија, Кина, Турција и други го зголемат веќе постоечкото политичко, дипломатско и економско влијание на Балканот, тоа ќе го зголеми стравот на Бугарија дека ќе остане маргинализирана во ЕУ, констатира „Фајненшнел тајмс“.

Во анализа, по преземањето на бугарското претседателство со Унијата, весникот констатира дека ова објаснува зошто Лилјана Павлова, министер во владата задолжена за претседателството на Бугарија, придава толкава важност на самитот закажан за мај 17 во Софија, на кој шефовите на држави и влади на ЕУ ќе се состанат со лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Иако Софија сака нејзиното претседателство да биде запаметено по напредокот на Западен Балкан кон ЕУ, сепак Бугарија има и сопствени амбиции и цели, пишува ФТ.

Шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ ќе биде искористено за остварување на амбициите Бугарија да се приклучи на еврозоната и на безвизниот Шенген режим во ЕУ .

Земјата во моментов е надвор од еврозоната и од банкарската унија… “Еден од стравовите е дека ‘Европа со повеќе брзини’ ќе ја остави Бугарија на периферијата. Ова е причината зошто членството во еврозоната е толку важно“, вели Даниел Смилов, директор на Центарот за либерални стратегии.