Тешка навреда од Грција: Скопјаните имаат „мајмунска“ црква!

Во недостиг на информации за тоа дали бугарскиот патријарх Неофит при вчерашната посета кај вселенскиот патријарх Вартоломеј навистина ја застапувал Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) како што најави, тешка навреда за неа дојде од Грција.

Најавувајќи ја средбата на двајцата верски поглавари по свеченото отворање на обновената т.н. Железна црква во Истанбул, грчката вебстраница специјализирана за религија „Вима ортодоксијас“ ја нарече МПЦ-ОА „мајмунска црква“!

„Екуменскиот патријарх на Константинопол, Вартоломеј, в недела ќе го прими бугарскиот патријарх Неофит. Според скопски извештаи, поглаварот на Бугарската црква ќе ја ‘застапува’ неканонската ‘Црква’ на Скопје, која не е признаена од ниту една православна црква (дури и ‘мајмунска’ црква имаат Скопјаните)“, стои во поднасловот на текстот објавен во саботата пред полноќ.

Покрај останатите навреди од типот „псевдомакедонци“ и „псевдоцрква“, во написот  во кој се прави обид за елаборирање на проблемот од канонски и од историски аспект, се споменува и досега непознат „факт“ дека на Православна Охридска архиепископија (ПОА) на расколникот Јован Вранишковски „ѝ припаѓаат 20 проценти од православните христијани во БЈРМ“.