Тиранската платформа ќе почека подобри денови за Албанците

Лидерот на ДУИ Али Ахмети се откажува од своите изјави во кои тврдеше дека без целосно спроведување на Тиранската платформа не може да се формира влада.

„Декларацијата на албанските партии во Македонија нема целосно да биде вклучена во владината програма“, изјави синоќа  Али Ахмети. Според него во програмата на новата влада ќе влезат само најважните аспекти за големите реформски приоритети.

Според Ахмети, најважно за Македонија е да стане членка на ЕУ и НАТО и да остане стабилна.

Партиите ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците во јануари преку платформата позната како „Тиранска“ затоа што беше креирана на средбата на лидерите на албанските партии со премиерот на Албанија Еди Рама во Тирана, побараа  Уставот на Република Македонија да утврди дека “македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.

Во првите две точки се бара целосна јазична еднаквост и употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта; дебата за знамето, химната и државниот грб со цел тие да ја рефлектираат општествената мултиетничност; создавање Државна комисија за финансирање на општините и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја; правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата во сите нивоа на централната власт, јавните служби или претпријатија со јавни акции.

Според Ахмети најголем дел од овие точки нема да се најдат во програмата на новата влада предводена од Зоран Заев.