Унковски: Претоварениот Титаник Македонија шиба кон ледена санта

“Еве не ноќва повеќе од тројца, повеќе од милион луѓе на претоварениот титаник Македонија, кој со драматично свртување шиба кон ледената санта од која ќе потоне. Треба ли да стоиме вака на палубата пред зашвајсуваните врати на нашето учество во нашата судбина и да го чекаме моментот додека не удриме во таа огромна санта, додека не почне да се полни со вода коритото, додека не се помеша крвта и вода по ходниците, додека семката на нашиот народ се меле меѓу големите челични плочи кои се брчкаат, кинат, и отвараат поглед кон широкиот океан на нашата дефинитивна пропаст”, пишува во својот фејсбук статус режисерот Слободан Унковски.

“Оркестарот ќе свири до крај, а пратениците зашеметени од моќта за послушност играат како дервиши во транс магепсани од својата алчност и животински нагон, и ги мачкаат по подот заборавените трошките на сопствената самопочит, и како самуилови камикази спремни се за се, зошто сега иде време на ловџии, време на лов, време на чување на пленот.

На врвот кај кормилата Капетанот, заклучен од внатре, фасциниран од себе, воодушевен од своите способности и вештини, како некој пилот во киднапиран авион што понира кон висока зграда во Њујорк, избезумен е ама и се радува на оваа трка и уште сега се ежи од тој прекрасен момент кога мразот ќе се спои со нас, повеќе од милион што сме тука, и со челикот на бродот. И неговото име ќе остане за секогаш запишано во историјата.

И се надева дека во таа секунда пред ударот ќе успее да го изведе своето познато салто и како секој коцкар, покераш особено, да го извади својот ас за спасување, ако не повеќе, на себе си самиот. Кога ќе бидат сите во ладната вода, ќе се свестат, и во тие неколку минути мозоците брзо ќе почнат да им работат, ама уште сега е доцна, камо ли тогаш”, вели Унковски.

Фејсбук статусот на Унковски е објавен во Јануари 2016 и важи за владеењето на Груевски и ВМРО – ДПМНЕ.