Уште две нематеријални добра од Македонија на листата на УНЕСКО

Организацијата на Обединети нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) на својата листа на заштитени нематеријални добра додаде уште две ставки од Македонија, овој пат како заеднички предлог со други држави – „Мартинка“ и „Хидрелез“.

На 12. сесија на Меѓувладиниот комитет за заштита на нематеријалното културно наследство, одржана од 4 до 9 декември на островот Џеџу во Јужна Кореја, беа прифатени заедничките предлози на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија за „Мартинка“, како и на Македонија и Турција за „Хидрелез“.

„Мартинка“ е обичај поврзан со 1 март, пренесен од антички времиња, со кој се слави почетокот на пролетта, а се состои од изработка и носење врзани парчиња од црвена и бела волница.

Со славењето на пролетта е поврзан и „Хидрелез“, настан што се случува на 6 мај и со кој се одбележува будењето на природата. Зборот „Хидрелез“ е кованица од „Хидир“ и „Илјас“, за кои се верува дека се заштитници на земјата и на водата и помагатели на поединци, семејства и заедници кои имаат потреба од нив. Во оваа пригода се вршат разни церемонии и ритуали поврзани со природата, кои гарантираат благосостојба, плодност и благосостојба на семејството и на заедницата, како и заштита на сточарството и на земјоделските култури во претстојната година.

Со овие две, Македонија сега има пет нематеријални културни вредности заштитени од УНЕСКО, покрај Празник на светите 40 маченици во Штип, ставен на листата во 2013 година, потоа орото „Копачка“ од село Драмче, Пијанец (2014), како и двогласното машко пеење „Гласоечко“ од Долни Полог (2015).