Фала фрау Меркел, немој да не браниш – Колумна на Горан Момироски

Двете консекутивни и очигледно добро координирани изјави кои ги дадоа за два дена грчкиот премиер Ципрас и министерот за надворешни работи Коѕиас го даваат правецот на можното решение за името или пак причината за пропаст на преговорите.

Најпрвин Ципрас а наредниот ден и Коѕиас јасно и прецизно пред грчката јавност, но и пред македонската, ги исцртаа финалните линии во преговорите. Пораката е јасна и недвосмислена: „ако сакате решение и влез во НАТО името со географска одредница мора да биде и уставно име“. Притоа промената на уставот не е само техничка промена на Република Македонија во Република Горна Македонија (на пример) туку како почетна точка од каде што ќе бидат изведени сите други придавки: Горномакедонци, горномакедонски јазик, .ргм како интернет домејн и слично.

Со тоа нема дилема кој погрешно разбрал што е договорено на средбата меѓу Ципрас, Заев, Коѕиас и Димитров на 24 јануари. Иако се надевавме дека во Давос имало недоразбирање и можеби лошиот англиски бил причнна за недоразбирање, сега дилемата е за нијанса појасна. Или некој точно знае на што се нафатил во Швајцарија а истото го крие од макеедонската јавност или некој си игра мајтап со некого.

Како е можно двајцата водечки грчки политичари да тврдат дека уставот мора да се менува а премиерот Заев да тврди, речиси супериорно (и тоа пред 30 највлијателни новинари во Македонија), дека такво нешто не е можно а сè уште да биде оптимист дека спорот ќе биде надминат (уште во март) е прашање за милион долари.

Но вакви ситуации ние сме гледале и порано, сегашниот хаос не е прв и нема да биде последен. Очигледно е дека моќната Грција си игра мајтап со малата Македонија во ситуација кога е јасно дека ниту Вашингтон ниту Берлин не играат толку конструктивна улога во процесот како што навидум изгледа.

Именувањето на канцеларката Меркел на Заев како „македонски премиер“, звучи убаво како дневна политика и причина за егзалтација на широките народни маси но суштински создава проблем затоа што со употреба на придавката сега и Ципрас и Коѕиас мораат со радикализација да го зачуваат своето достоинство пред „сензибилизираниот“ грчки народ. Затоа и веднаш по средбата Меркел – Заев Атина се јави со црвста позиција за едно име за решение и устав.

Меркел соврешно добро го знае тоа, како што знае дека во играта со малите земји давањето на почеток (македонски премиер) на крајот најчесто се претвора во земање (Република Горна Македонија во уставот).

Другото можно сценарио за ваквиот настап на Меркел е идеално за нас. Тоа би значело дека за Германија веќе не сме ФИРОМ туку Македонија, дека најмоќната европска сила ја прифаќа одлуката на судот во Хаг и дека Берлин дефинитивно одлучил да застане на патот на грчкиот национализам и лудост во намерата да ги покрстува соседите и со тоа да создава „црна дупка“ во ЕУ и НАТО.

Сепак да си кажеме право, второто сценарио е само бајка. Затоа што иако Меркел и германската влада знаат дека во оваа приказна Македонија е Црвенкапа а некој друг волкот, не можат да ја казнат Грција и поради историското наследство и врски но пред се поради стратешката позиција на Атина во Медитеранот.

И покрај сите пари што Германија ги даде за Грција (80 ммилијарди евра) и покрај сите навреди за канцеларката (беше прикажана како нацистички лидер за време на посетата на Атина), Меркел мора да биде практична во интерес на својата земја, ЕУ и НАТО , дури и ако Македонија настрада од оваа политичка прагма.