Ципрас ќе проверува дали е Заев искрен за името

По интервјуто на премиерот Заев за грчката ТВ Алфа грчкиот премиер Алексис Ципрас вели дека решение за проблемот со името е возможно да се најде, но дека најпрвин мора да се утврди дали промената на ставот на Македонија по тоа прашање е искрена.

На вчерашната седница на грчката Влада тој сликовито потенцираше дека прозорец за решение веќе има, а во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во таа насока.

„Имаме прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на нашите соседи е искрена. Решението, ако се постигне, ќе биде во корист на мирот и соработката на Балканот, но и во корист на една нова динамика за нашата земја во поширокиот регион. Во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока, изјави Ципрас.

На истата седница министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, ги известил министрите за грчките позиции во преговорите за името, а грчките медиуми, повикувајќи се на свои извори во Владата објавија дека тие се сведуваат на „сложено име со географска одредница за севкупна употреба“.

Министерот за внатрешни работи Панос Скурлетис пак изјавил дека името може да го содржи терминот Македонија со географска одредница и да е за севкупна употреба, но и дека за тоа да се прифати неопходно е да има широко мнозинство и во општеството и во Парламентот.

Македонскиот премиер Зоран Заев од своја страна, во интервјуто за грчката телевиизја Алфа, рече дека за македонската страна не постојат црвени линии при решавањето на спорот бидејќи тие можат да бидат „само пречка за да се изнајде решение“.

-За нас не би биле никакви причини изговорите како црвена линија во одредени ограничувања на разговорите. Ако постојат црвени линии тие би биле само кочница или блокада на изнаоѓање на решение – рече Заев.

Македонскиот премиер додаде дека решението треба и мора да биде прифатливо и за двете земји, како и дека е ред за истото Ципрас да го информира грчкиот народ, а тој самиот да му каже на македонскиот. Притоа избегна да открие детали, за „да не го урниса преговарачкиот процес“.