Скицата на познатата зграда на Емпаер Стејт Билдинг нацртана пред повеќе од две децении во Њујорк од страна на сегашниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде понудена на аукција во Лос Анџелес.

Цртежот е направен во времето кога неговиот имот Мар-а-Лаго бил отворен како приватен клуб, во 1995 година. Облакодерот е нацртан на обична А4 хартија со црн маркер и веднаш бил проследен на хуманитарна аукција во Флорида.

Цртежот со потписот на Трамп првпат бил продаден за помалку од 100 долари, а сега неговата вредност се проценува меѓу 8.000 и 12.000 долари.

Делото на Трамп ќе биде на аукција во Лос Анџелес на 19 октомври.

Емпаер Стејт Билдинг е со 102 ката и била највисоката зграда во светот од 1931 година, кога била изградена, па се до 1970 година, кога изникна првата кула на Светскиот трговски центар која подоцна беше срушена во нападите на Ал Каеда на 11 септември 2001 година.