Ниту еден од членовите на Државната изборна комисијата, вчера пред камерите не изјави дека чувствува одговорност поради делењето на големи бонуси, за кои сметаат дека биле законити и целосно оправдани, иако, на пример, само за изборите кои воопшто не се одржаа лани во април си поделиле по три плати.

Односно за 18 месеци земале 30 плати…

На апелот на американскиот амбасадор, Џес Бејли, од предавањето посветено на борбата против корупцијата, одржано на Факултетот за безбедност во Скопје, со кој практично ги „искара“ и по бурните раеакции во јавноста, членовите на ДИК одговорија со иронични изјави, правдајќи се дека не прекршиле никаков закон.

„Не ни требаат пари за свеќи и за пченица“ беше еден од одговорите на некои, исто така, недолични комемнтари на граѓаните на социјалните мрежи.

Грдо прозвуче и изјавата „Ќе ги вратам парите на кој било начин. Ќе ги донирам или ќе ги вратам во буџетот. Да им се најде на тие коишто ни посакаа нас да ни се најдат, па нека ги земат, можеби нив ќе им требаат за тоа“, на членот на ДИК, Виолета Дума.

Субхи Јакупи изјави дека процениле дека бонусот бил е висок, но тој не се согласувал да не се цени неговиот труд.

„Тие ниту се пари добиени од злоупотреба, ниту се пари од оштетување на буџетот на Република Македонија, тоа се пари кои според членот 19 од Изборниот законик се предвидени за ангажманот, трудот што се вложува, а со тоа и сложеноста на работните задачи кои што како членови на ДИК ги исполнуваме“, додава Атанас Урумов, како што пренесе ТВ21.

Членовите на ДИК од јуни минатата година до крајот на оваа, се почестиле со 12 плати бонус за работата која ја извршувале.

Три плати надоместок земале за изборите во април 2016-та кои не се одржаа, пет бонуси за предвремените парламентарни избори и четири плати бонус за локалните избори. Овие последните, под притисок на јавноста денеска решија или да ги вратат во буџетот или да ги донираат.

Александар Чичаковски, претседател на ДИК вели дека на место биле критиките од јавноста околу недоволната транспарентност на Комисијата во постапката за делење на надоместоци за изборите и додава дека барал правен начин како и дали парите може да се вратат во буџетот.

 „Во наредните денови ќе ги разгледам правните можности, надоместоците кои ми се исплатени, или треба да бидат исплатени, да ги вратам или во буџетот, или доколку не постои таква правна можност да ги донирам“, вели Чичаковски.