Шест години затвор за убиец од Македонија во германски Ридерих

Окружниот суд од германскиот град Тубинген му изрече затворска казна во траење од шест години на 35-годишен убиец од Македонија, кој пред седум месеци со нож му нанел смртоносни повреди на 30-годишен сонародник во Ридерих, округ Ројтлинген.

Во гратчето оддалечено 30 километри од Штутгарт обвинетиот, кој за време на судењето се бранел со молчење, за да проговори во завршниот збор и да каже дека тоа што го сторил било во самоодбрана, го прободел со нож во градите помладиот од себе.

Во заднината на злосторството е очигледен спор меѓу семејствата на двајцата, кој почнал пред неколку години во Македонија, а кулминирал на свадба минатото лето, каде што тие се сретнале едни со други. Таткото на жртвата се вели дека му се спротивставил на 35-годишникот со своите два сина и потоа го нападнал, како што сугерира судијата. Нападнатиот во тепачката успеал да се ослободи, по што извадил нож и го употребил.

Судот процени дека, сепак, не може да стане збор за самоодбрана, бидејќи обвинетиот можел само да се закани со ножот и со тоа да ги одврати напаѓачите. Наместо тоа, тој намерно прободел еден од нив во гнев.

По објавувањето на пресудата, која не е конечна, мајката на жртвата почнала да вика во судницата дека пресудата е премногу блага, дека тоа не е правда, бидејќи нејзиниот син е мртов.

Судијата претходно утврдил дека младиот човек сега ќе бил жив ако тој и неговото семејство го оставеле обвинетиот на мир.