Шок и болка во семејствата на убиените кај Смилковско езеро (ВИДЕО)

Семејствата на убиените Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски со неверување и болка ја примија одлуката на Врховен суд обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро да се бранат од слобода, се вели во прилогот на ТВ Алфа.

Момчињата беа убиени на велики четврток 2012 година, а на исто место беше убиен и рибарот Борче Стефковски од селото Црешово, кој најверојатно бил случаен сведок на грозоморниот чин.

Обвинети за случајот беа Агим Исмаиловоќ, Фејзи Азири, Хаки Азири, Сами Љута и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ на кои по пет и пол години им е дозволено да се бранат од слобода.

Двајца од нив пребегаа во Косово и не беа достапни на македонските органи на прогонот.

Обвинителството на товар им стави кривично дело тероризам, а првостепениот и второстепениот суд ги осудија на доживотна затворска казна.

Но, обвинителката од вишото јавно обвинителство Лилјана Спасовска побара случајот да се врати на повторно судење, бидејќи имало прислушувани материјали кои биле во Специјалното  јавно обвинителство.