Машката младинска репрезентација на Македонија го постигна најголемиот успех на Мундијалите во младинските категории, откако се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Алжир. Избраниците на Илија Темелковски славеа вечерва над домаќинот Алжир во тежок и неизвесен натпревар со 24-20 и утре во четвртфиналето ги чека главниот фаворит за круната, Франција.

Многу неизвесен дуел со исса завршница како и понеделничкиот против Бразил кога ние одржавме концентрација во вториот дел, во самиот финиш. Водевме со 5-3, но и губевме со 8-6 во првите 30 минути од пеколното осминафинале во кое домаќинот имаше 11-10 на полувреме.

По неколкуте изедначувања на почетокот од вториот дел, Македонија повторно дојде до два разлика (15-13), а истата ја имаве и кога мечот влегуваше во завршницата (18-16). Клучните моменти се одвиваа околу 50. минута. Томовски им одбрани зицер на домашните, па Талески ги донесе посакуваните 3 голови предност (19-16). Алжирците повторно згрешија, а Палевски од пенал зголеми на 20-16, по што се веќе беше извесно. Противникот намали на 2, но ние брзо се вративме на посакуваните, највисоките и конечните 24-20.

Капитенот Талески беше најдобар поединец на теренот со 10 голови, додека го следеа Палевски и Кузмановски со по 4, а Велковски даде 3. Противник на Македонија во четвртфиналето ќе биде Франција, а дуелот ќе се игра утревечер со почеток во 21.45.