20 спорни точки во Преспанскиот договор и промената на уставот

Ви ја презентираме компилацијата од аргументи зошто договорот од Преспа не е прифатлив и поради него не смее да се менува уставот.

Компилацијата е направена врз основа на ставови и аргументи од повеќе експерти, аналитичари, политичари, новинари и обични луѓе.

1. Прво владата мора да одговори како ја започнува постапката за уставни измени
кога Договорот е спротивен на Уставот и не е објавен во Службен весник ?

2. Формално-правно овој Договор не може да влезе во правна сила се додека не се
усогласи со Уставот на Република Македонија и додека не биде објавен во Службен весник

3. Чл. 51 од Уставот е дециден и вели законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а СИТЕ ДРУГИ ПРОПИСИ, вклучително и билатералните и другите видови меѓународни договори, мора да бидат во согласност со Уставот и со законите.

4. Чл.52 од Уставот вели законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник“ пред да влезат во сила.

5. Ниту Договорот е во согласност со Уставот, а уште помалку е во согласност со
Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори.

6. Голем број врвни експерти од странство се изјаснија дека Договорот е во спротивност и со меѓународното право, односно дека истиот е предавство на меѓународните принципи и правила.

7. Во чл. 118 од Уставот стои дека меѓународните договори што се ратификувани во
согласност со Уставот, што значи со закон објавен во „Службен весник“, СЕ ДЕЛ ОД ВНАТРЕШНИОТ ПРАВЕН ПОРЕДОК. Овој договор не е дел од внатрешниот правен поредок на земјата и не може да биде основа за менување на Уставот.

8. Ова значи дека Владата и натаму го крши Уставот и врз основа на неуставен договор подготвува цела постапка за промена на Уставот.

9. Овој предлог за пристапување кон измена на Уставот од формално-правна, но и од
материјално-правна причина не смее да биде усвоен од пратениците, бидејќи истиот ги крши темелните вредности на уставниот поредок и неколку члена од Уставот.

10. Исто така, со предлогот за пристапување кон измена на Уставот не се почитува
волјата на над еден милион и двестотини граѓани кои не го прифатија Договорот од
Преспа како основа за менување на Уставот.

11. Волјата на граѓаните изразена на референдум согласно Уставот е
ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗА ВЛАСТА!

12. Чл. 73 од Уставот јасно наведува дека одлуката донесена на референдум без разлика дали е таа позитивна или негативна во однос на референдумското прашање е задолжителна за сите.

13. Уставот не прави разлика меѓу консултативен и задолжителен референдум, туку
вели дека одлука донесена на сите видови референдуми е задолжителна, бидејќи волјата на граѓаните е суверена и е над власта.

14. Референдумот беше неуспешен, тоа го соопшти и ДИК, и со недонесена одлука на
референдум власта не може да менува Устав за промена на име на држава!

15. Во однос на самиот предлог за пристапување кон промена на Уставот треба да се
потенцира дека Владата има проблем да состави предлог согласно Уставот и Деловникот на Собранието. Самиот наслов на предлогот е мошне спорен, бидејќи во него има насоки за измена и дополнување на Уставот. Насоките немаат за цел да бидат во наслов, туку во образложението на предлогот. Исто така загрижува и
правната неписменост на службите во Владата кога под претставниците на Владата
ставиле и место за повереник.

16. Загрижува и фактот што министерството за правда се иззема од уставните измени и како надлежен претставник го става министерот Никола Димитров како шеф на МНР што е до сега невидена пракса. Секогаш измени на Уставот предлага
Министерството за правда овој пат одлучи да избега од процесот од необјаснети
причини.

17. Што се однесува до самите насоки во предлогот интересно е што многу од
прашањата уредени во договорот не се опфатени со уставните измени. На пример, што ќе се случува со придавките македонско/македонска/македонски? Тие согласно чл. 7 од Договорот мора да бидат дообјаснети дека не припаѓаат на
хеленската цивилизација, култура, традиција и богатството на тој регион од антиката до денес. Исто така и кај македонскиот јазик мора да има објаснување како што стои во чл. 7, точка 4 од Договорот дека се работи за јазик од групата на
јужнословенски јазици.

18. Во делот на неменување на границата предлогот содржи еден апсурд непознат во
уставно-правната пракса. Со новиот уставен амандман се предлага да се декларира??? (со Устав не може да се декларира, тоа се прави со Декларација) почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката
независност на соседните држави, прашања што се веќе уредени во меѓународното право, но и во уставите на соседните држави. Со Устав на РМ не може да се гарантира/декларира суверенитет, територијален интегритет, ниту политичка
независност на соседни држави.

19. Спорен е и уставниот амандман со кој се предлага грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во каква било форма и заради каква било причина.

20. Ова е опасна формулација, бидејќи суверените права на другите држави и
нивните внатрешни работи можат да бидат пречка за наша непречена соработка и одржување на блиски односи со нашите сонародници во
странство. Практично со овој амандман Македонија наместо мостови за соработка и зближување со Македонците ширум светот гради ѕид меѓу нас, бидејќи Бугарија, Грција или Албанија во секое време, поради било која
причина и во каква било форма можат да ни забранат да се грижиме за културните, социјалните и другите права на нашите сонародници. Овој амандман е во целосна спротивност со политиката на заштита на
националните малцинства позната како Kin-state policies (kin-minority laws, dual citizenship, out of country vote), политики признати и разработени од Високиот претставник за националните малцинства при ОБСЕ, од страна на Венецијанската комисија и од Парламентарното собрание на Советот на Европа.