500 деца Роми не посетуваат настава во Шуто Оризари

Катастрофален податок дека вкупно 482 деца Роми не посетуваат настава во двете основни училишта во скопската општина Шуто Оризари, покажуваат резултатите од истражувањето што во периодот мај-јуни годинава го спроведе Асоцијацијата „24 Вакти“ во рамки на проектот „Инклузија преку мобилизација“.

Најкритичен е периодот од прво до петто одделение, кога најмногу децата Роми го напуштаат образованието.

„За осипувањето на учениците од основните училишта има неколку причини како што се внатрешните и надворешните миграции, како и социо-економската ситуација кај Ромите“ вели  Сали Мемед, координатор на проектот пред почетокот на денешната презентација на резултатите од истражувањето.

Најголем процент  деца кои се надвор од образовниот процес се оние на 16 годишна возраст по што следуваат оние со 15 и 14 години.

Овие „ученици“ со завршено втори или трето невозможно е да се вратат во ученичките клупи и да учат заедно со оние кои редовно посетуваат настава и се, на пример,  осмо одделение.