Невин сум, затоа не бегам од Македонија, екс шефот на ДБК на суд

Поранешниот шеф на Управата за Државна Безбедност Сашо Мијалков верува во објективноста на судството и дека судиите ќе донесат исправна одлука во неговиот случај.

Тој ова го изјави по завршување на седницата на Кривичниот совет на Апелацискиот суд на денешната јавна седница на кој се расправаше за жалбата на СЈО по отфрлање на мерката притвор против него.

Според адвокатот на Мијалков Љупчо Шврговски неговиот клиент  ако сакал досега можел да избега и да не се врати во државата. Предходно освен во два наврати кога бил службено отсутен постојано се појавувал пред судот и пред СЈО.

„Нема зошто да бегам. Јас сум убеден во мојата невиност и верувам дека во понатамошната постапка и судот ќе го увиди тоа“, изјави Мијалков на јавната седница.

„Досега само два пати не сум се јавил на покана и тоа затоа што бев во странство и немаше карти за да се вратам порано. Одговорно се јавувам на секој нивни повик. Така било досега, а од денеска можам да кажам дека мој збор е дека секогаш и на секој повик од судот ќе се јавувам уредно и ќе бидам присутен”, изјави Мијалков.

За СЈО главен аргумент за одредување притвор и главна причина за страв дека тој може да избега е тоа што  Мијалков има фирми и имот во Чешка.