Ќе ги обезбеди ли МВР семејствата на сведоците против Алими и Гури?

Обвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното Јавно обвинителство која што го води случајот за уништување на избирачки материјали во општина Чаир откри дека сведоците на СЈО се плашат да сведочат против двајцата обвинети, високи функционери на ДУИ за кои се бара притвор.

Фетаи  денеска на јавна седница во Апелацискиот суд, изјави дека сведоците не се плашеле само за себе туку и за безбедноста на своите семејства. Според сведоците стравот од Алими бил присутен и кога тој не бил пратеник  или функционер.

Сега Алими, кој своеремено се борел во УЧК на Косово а потоа и во ОНА во Македонија, е координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието е еден од најмоќните членови на владеачката партија во регионот на Карадак.

„Во конкретниов случај, не само што постојат околности кои што укажуваат дека обвинетиот и овој што беше присутен, но и другиот (Исмет Гури), може да влијаат врз сведците во постапката, туку постои и нешто повеќе. Постои страв кај тие сведоци за ниванат лична безбедност и за безбедноста на нивните семејства. Како застапник на овој предмет морав да цитирам и делови од исказите на тие сведоци, за повисокиот суд да биде убеден дека посотојат основи за притвор“, рече Фатиме Фетаи на јавната седница.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими во кратката изјава пред апелациските судии, рече дека дури и да биде затворен во странство тој е избега за да биде лично присутен во судот што сега го гони. Неговата одбрана логично тврди дека со ништо не влијаел на сведоците.

„Нека ги покажат доказите. Виде денеска работите со цел да ја запознаете јавноста. Не значи дека треба да се верува само на еден збор“, рече Ејуп Алими по јавната седница пред медиумите.

Ејуп Алими и Исмет Гури се обвинети во „Титаник 3“. СЈО бараше притвор, но Кривичниот совет го одби барањето по што одлуките беа обжалени пред Апелација. Двајцата се обвинети за уништување на изборен материјал.

Фетаи во судот не кажа дали од МВР побарало асистенција за заштита на сведоците и нивните семејства ниту пак оваа институција најави дека ќе преземе нешто за да се заштитат уплашените сведоци кои според Фетаи стравуваат за животите на своите најблиски.

Оставете коментар