Национален интерес: Македонски војници со НАТО силите вежбаат за руска инвазија

Вежбите кои што учествуваат 23 земји со преку 45 илјади војници во Европа се дел од подготовките за сценариото во кое што Русија би извршила воена инвазија во делови на континентот.

Ова го тврди американскиот магазин „Национален интерес“ според кој во моментов во Црноморскиот регион каде состојбата е особено нервозна поради близината на Русија и нејзините трупи, се случуваат дури 18 воени вежби на НАТО.

Магазинот пишува дека не се очекува иминентна руска инвазија но разбирлив е стравот на земјите кои што се на границата со Русија поради што со овие вежби им се дава до знаење дека НАТО нема да дозволи повторување на сценаријата во Украина или Грузија.

„Не мислам дека е веројатно тоа да се случи но предходно веќе се случило. Сигурно сите што живеат во близина на ова подрачје од Финска до Шведска се до Романија веруваат во такво сценарио“, вели генералот Бен Хоџс , командант на американската армија во Европа кој зборувал преку видео поткаст од авио базата Безмер во Бугарија.

Во „Сајбер Гардијан“ најголемата од 18 вежби на НАТО во Европа покрај 14 илјади американски војници учествуваат и трупи од Македонија како и од Ерменија, Бугарија, Чешка, Германија, Хрватска, Грузија, Грција, Унгарија, Литванија, Молдова, Црна Гора, Полска Холандија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Турција, Украина и Британија.

Вежбите на НАТО се против – одговор на руските воени вежби „Запад“ кои што ќе се одржат во Белорусија и во нив ќе учествуваат 3000 руски трупи и 800 тенкови кои што ќе увежбуваат потенцијален судир со НАТО.

Постои анксиозност поради овие вежби, вели американскиот генерал затоа што ова се први вакви вежби по руската анексија на Крим во 2014 година.

Примерот со Крим покажува дека западот не може да биде на чисто со Русија во поглед на неменување на границите и на примената на меѓународното право, затоа војската е подготвена да одговори на секое негово прекршување кое што ќе биде на штета на партнерите на САД во Европа.

Целта на воените вежби меѓу другото е да се уверат европските држави дека САД нема да дозволи украинско/грузиско сценарио во кое големи делови од територии на други земји практично станаа дел од Руската Федерација.