Новиот деветти дел од извонредниот филмски серијал „Војна на ѕвездите“ доживеа ново одложување и според последната објава, во САД ќе биде прикажан на 20. декември 2019. година. Компанијата „Дизни“, со тоа ја одложи премиерата на филмот за нова половина година откако претходно беше објавено дека филмот ќе биде готов до мај 2019. година.

„Холивуд Рипортер“ јавува дека ова е поврзано со промената на режисерот на филмот. Минатата недела стана познато дека од проектот се повлекува режисерот и сценарист Колин Тревороу, кој требаше да ја прави деветтата епизода, а оваа недела од „Дизни“ соопштија дека филмот ќе биде во режија на Американецот Џеј Џеј Абрамс, кој работеше на „Војна на ѕвездите: Моќта се буди“.