Секој трет Бугарин во Германија добива социјална помош

Според податоците на Агенцијата за вработување на Германија, околу 47 проценти од Бугарите што живеат во земјата се во редовен работен однос, а 30 отсто од нив живеат од социјална помош, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Еден дел од жителите на најразвиената држава во Европска унија со бугарски пасош се Македонци, но не е познат нивниот удел во населението што ползува социјални финансиски бенефиции од државата.

За споредба, 60 проценти од германските граѓани имаат работа и плаќаат социјално осигурување, а само 7,2 отсто од нив добиваат социјална помош.

При крајот на минатата година германската Влада ги затегна условите за добивање социјална помош, па таа повеќе не им е овозможена на граѓаните од другите членки на ЕУ што повеќе од шест месеци не успеваат да најдат работа во Германија.

Во текот на 2016 година во земјата се доселени 1,3 милиони странци, половина од нив од држави што не се членки на Унијата. Повеќе од една третина од доселениците лани се од Бугарија и од Романија. Од Полска пристигнале 123.000 луѓе, од Хрватска 50.000, а од Франција и од Велика Британија заедно околу 20.000.

Оставете коментар