Отровни стрели од Софија: „И Исус Христос е Македонец“

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски се нафрли врз медиумите во Македонија што критички ја опсервираат одлуката на Албанија за признавање бугарско малцинство во земјата.

„Прво, тие не се медиуми, тие се пропагандни канали. Не можат да бидат наречени медиумски организации тие што шират лажни информации и доведуваат до заблуда. Второ, според тие пропагандни канали, и Исус Христос е Македонец. Луѓе што вршат такви чудовишни историски манипулации и веруваат дека имаат цар што се вика Газафар Хан роден во Пакистан, едноставно, не треба да бидат сфатени сериозно“, вели европскиот пратеник од бугарската партија ВМРО во интервјуто за тамошното Радио „Фокус“.

„Всушност, основната причина за таквото однесување е зависноста на тие пропагандни канали од Белград. Тие продолжуваат да ја поддржуваат српската теза, белградската теза, тезата на Коминтерната. За нив признавањето на бугарско малцинство во Албанија е смрт – политичка смрт, идеолошка смрт и најмногу финансиска смрт, бидејќи од таквите има потреба само додека треба да спроведат една лажна антибугарска политика на Балканот. Во моментот кога на запад од Македонија ќе се покаже бугарско малцинство за многу луѓе ќе стане многу јасно каков е карактерот и на населението во Република Македонија“, додава Џамбаски. „Мислам дека е неопходно да помине уште одредено време за поетапно нормализирање на јавниот политички живот во самата Република Македонија. А новата Влада треба здраво да застане на своите нозе, бидејќи отпорот против неа е огромен. Тоа е последниот бастион на Коминтерната пред Белград“, изјави членот на Европскиот парламент за емисијата „Тоа е Бугарија“.

Оставете коментар