Џорџ Клуни и пријателите го продадоа брендот за текилата Casamigos на компанијата Дијаџио од Лондон за неверојатни 700 милиони американски долари, со тоа што таа сума може да се зголеми во текот на следните десет години за нови 300 милиони.

56. годишниот Клуни кој пред неколку дена стана татко на близначиња сака целосно да му се посвети на семејството, што е една од причините за продажабата на бизнисот што го имал со Ренди Гербер и Мајкл Мелдман, а втората е секако, понудата која не се одбива и која, можеби и досега носела профит, но ова е нешто што според нивно признание е над сите очекувања.
“Ако некој не прашаше пред некое време дали имаме компанија или пијалок кој вреди една милијарда, веројатно најслатко ќе се изнасмеевме, но Дијаџио верува дека ова е вредно. Ние не одиме никаде, остануваме со нашата текила и ќе продолжиме да бидеме дел од Casamigos приказната“, се вели во соопштението со кое се потврдува продажбата на брендот.

Во Дијаџио, пак, се убедени дека брендот Casamigos ќе се разработува дополнително во следните четири години, а дека потоа ќе носи огромен профит.

Тројцата основачи на брендот Casamigos се Клуни, мажот на Синди Крафорд, Гербер и агентот за недвижности Мелдман. Тие велат дека во бизнисот со текила влегле сосема случајно за време на заеднички одмор во Мексико кога се заинтересирале за производството на текила. Како љубители првично планирале да произведуваат текила само за себе, семејството и пријателите, но интересот се зголемил, па морале да извадат дозвола за производство на алкохолни пијалоци и да го продаваат Casamigos. Тргнало како хоби, а завршува со милијарда долари.