Митрополитот повардарски Агатангел до сите верници од епархијата што ја води и до македонскиот народ испрати послание и ги повика на света архиерејска литургија на 23 септември во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, една недела пред референдумот, за сите заедно да се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот.

„Во Македонија, за жал, веќе подолг период се гради куќа, односно држава, врз плитки и климави темели. Се доведовме во една парадоксална и збунувачка состојба. Она од што се срамела претходната генерација, за човекот на нашево време станува доблест и неминовна вистина“, пишува владиката и додава: „Во име на богатството и на привидната благосостојба, покрај моралот, човекот го жртвува дури и своето лично достоинство. Дојдено е време кога треба да се надминеме себеси како поединци и да ја покажеме сета своја родољубива сила“.

Членот на Светиот синод на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во посланието пишува и дека „подготвувајќи го оркестрираното сенародно самоукинување, кое треба да се случи на наместениот референдум, белосветските трговци со вистината, на македонскиот народ му нудат два горчливи производа. Првиот производ е маглата на стравот, поткрепена со закани за изолација, војна и исчезнување, и вториот производ – непозната и неизвесна, но благословена иднина, во која изобилно ќе уживаме во натрупано и незаработено богатство. Цената и на првиот и на вториот производ е бришење на историјата и сенароден автогеноцид, досега невиден и незабележан во цивилизираното човештво“.

Агатангел посочува дека „за жал, и неколкумина наши наивци, неподготвени, влегоа во барабанот на мелницата. Од ваквото погубно ортачење во нечесната трговија, профит нема да има ниту еден Македонец. Единствено што може да добиеме е само една непремостлива, внатрешна, духовна руина… Видовме со свои очи дека немаме ниту лидери, ниту, пак, авторитетни интелектуалци. Македонскиот народ е оставен самиот на себе за да го организира своето опстојување, и покрај безбројните уцени и насилни закани… Единствениот спас за македонскиот народ, кој буквално е доведен до амбисот на пропаста, се крие во неговото единство и во неговото родољубие. Сведоци сме дека со децении се работи на разбивање на македонското национално единство, притоа, правејќи атмосфера дека патриотизмот и родољубието е нешто застарено, напуштено и речиси погрешно…“

Духовниот водач на Повардарска епархија на МПЦ-ОА потенцира дека е „дојдено време кога треба да се надминеме себеси како поединци и да ја покажеме сета своја родољубива сила. Преку бојкот на претстојниот лажен и наместен референдум, ќе ги замрсиме конците на оние кои сакаат да нè уништат. Преку нашиот непокор кон мрачните сили на новиот свет, ќе го зацврстиме нашиот углед и интегритет како свесен и слободен македонски народ. Без страв, бојкотирајќи, ќе пратиме порака до светот дека еден народ, преку својот величествен дух, може да се избори за својата слобода и независност. Нашата благосостојба зависи од нас самите… Менувањето на името на државата е туѓ интерес, а никако наша потреба. Тие се доволно силни и на сила да нè преименуваат. Но, како и сите лицемери на овој свет, сакаат овој срам да го натоварат за вечни времиња врз нашите плеќи. Малата излезност на референдумот, особено во македонските средини, ќе прати силна порака во светот и ќе ги разобличи скриените намери на белосветските трговци… Повторувам, бидете внимателни, сите се во игра, и власт и опозиција. Сите сакаат да го натоварат македонскиот народ со тешкото бреме на срамот од себеукинувањето“.

 

SHARE

Comments are closed.