Агенцијата Анадолија нè нарече Северна Македонија, па ја повлече веста!

Сервисот на шпански јазик на турската новинска агенција Анадолија го употреби името Северна Македонија во својата вест за честитката од шефот на македонската држава Ѓорге Иванов за реизборот на Реџеп Таип Ердоган за претседател на Турција.

„Претседателот на Северна Македонија, Ѓорге Иванов, му честита на турскиот претседател Ердоган за успехот на изборите“, стои во информацијата објавена на официјалниот профил на „Твитер“ на сервисот на шпански јазик на Анадолија, отворен во октомври минатата година во колумбискиот град Богота.

Но, по укажувањето од приватниот Твитер-профил на новинар на expres.mk дека држава што се вика Северна Македонија не постои и оти нејзиното име (сè уште) е Република Македонија, Анадолија на шпански веднаш ја повлече веста!

Во делот на македонски јазик на вебстраницата на Анадолија, пак, државава е именувана со нејзиното уставно име, кое Турција го призна меѓу првите во светот, згора и инсистира тоа да биде наведено во фуснота на сите документи на НАТО.