Академик Гоце Петрески: Политичкиот систем со месеци дебатира за баналности

Не очекувам многу од сегашните визии на поттикнување на раст бидејќи сметам дека ќе продуцираат сметкодовствена иновативност, свртени се наназад, одржуваат и поддржуваат веќе поставени клишеа и структури на кои не би им требало поддршка, тоа го истакна академик Гоце Петрески во излагањето што го имаше пред учесниците на Научната конференција за идните предизвици на економскиот развој и економските политики на Македонија што во организација на МАНУ се одржа во Охрид.

Академик Петрески во своето обраќање посочи бројни забелешки за институциите на државата, за искуствата од реформите, за потенцијалите што одредени реформи ги носат, за пропустите на одредени веќе спроведени реформи…

Повикувањата на политичарите дека растот на Бруто домашниот производ (БДП) претставува параметар кој зборува за раст на економијата за академик Петрески не се реални оттаму што БДП според него претставува непрецизен индикатор како мерило на раст, на динамиката на развојот, на потенцијалот на одредена економија…

– Бројни се методолошките забелешки, а особено кај земјите во транзиција кои немаат ригорозна статистичка традиција. БДП се соочува со методолошки проблеми дури и во земјите со традиција на комплетна и независна статистичка практика. Во структурно недефинирани економии како македонската потенцијалот за раст треба да се бара многу подлабоко во структурата, не во површината на варијаблите, истакна академик Петрески.

Тој посочи дека БДП има потенцијал да биде инфлатиран од повеќе причини, од големо учество на јавната потрошувачка во БДП која се врши преку т.н. големи проекти, јавни набавки итн. Потоа во услови на неконкурентни ситуации особено кај големите проекти.

– Видовме други непријатни попратни ситуации, цените по кои се спроведуваaт тие проекти се неколкукратно надуени. Тоа се трансферира во финалната цена на кооперантите изведувачи кои покажуваат поголем приход што влегува во БДП и го инфлатираат на вештачки начин. Потоа тука се јавните набавки, т.н. „non-treadable“ домашни услуги што се повеќекратно наплатени. Тие се мекото ткиво на македонската транзиција која ја проголта внатре македонската економија. Таа импутација на трошоци со домашни расурси води до инфлатирање на домашниот БДП со надворешно задоложување. Плитките економии имаат многу тенок механизам на трансфер на странските ресурси, задолжувањето во домашни приходи. Оттука треба многу претпазливи да бидеме кога ги анализираме податоците за БДП и стапката на раст на одделните варијабли, истакна академик Петрески.

За растот во градежништвото како една од компонентите на домашната економија професорот Петрески вели дека и тој е неодржлив на долг рок затоа што во Македонија се практикува цикличен тип на градежништво, што го детерминираат растови и падови.

– Градежништвото кај нас е три „Ц“ односно „construction, consumption, corruption”, главно финансирано од странство, бидејќи ако немаме задолжувања ни пензиите ни платите во јавниот сектор нема да можат да се платат, истакна тој.

Како друга реалност што ја детерминира состојба во економијата е и лошото образование, а кое новата, модерната економија го детерминира како централен мотор на развојот.

– Кај нас тоа е девастирано, вулгарно комерцијализирано, корумпирано, некомпетентно, со незначајни исклучоци. Човечките ресурси кои се двигател на развојот во модерната економија, модерната економска дисциплина, се единствениот капацитет, потенцијал во иднината. Најквалитетните си заминуваат, што е проблемот. Македонскиот образовен систем не создава раст на човечкиот потенцијал. Физичката работна сила веќе е небитен фактор во модерните економии. Се случува депресијација на човечкиот капитал, заради превработеноста се случува опаѓачка продуктивнот во некои сектори, сертифицираното незнаење во образовниот систем продуцира нефункционални институции. Институциите не ни чинат затоа што не ни чини образвниот процес, системот на вредности не чини затоа што имаме лошо образование од почеток до крај. Нефукционалните институции водат кон нефункционално општество што продуцира внатрешни конфликти, забележа Перески.

За пазарот на труд во домашната економија тој вели дека е слична на трка на двоколки, економија што ја детерминираат краткорочни договори, ниска продуктивност, ниски плати, превработеност во јавна администрација и оскудица на работна сила во други сектори.

– Триесет години се креира илузија на раст, раст постигнат со продажби, аквизиции сметани како странски инвестиции, а беа продажби потрошени за тековна или краткорочна потрошувачка (Tелеком, електростапнство), сето тоа отиде, а растот остана таков каков што е, тука веќе не остана потенцијал. Задолженоста, ако продолжи со сегашното темпо, одговорно тврдам нема многу далеку да биде моментот кога вкупната стапка на раст ќе оди за сервисирање на долгот, нема да остане ништо за нас, ќе имаме негативен остаток, нагласи меѓу другото академик Петрески.

Дека ситуацијата не е добра ниту во банкарскиот систем, тој како пример го посочи индексот на концентрација, според кој Македонија е најлоша во регионот.

– Есконтната стапка на Европската централна банка е нула, нашата е 2,7 и тоа историски најниска, ја јаде целата наша стапка на раст. Историски најнизок може да биде и притисок од 180, па сепак е смртно опасен, предупреди тој.

За внатрешниот долг Петрески посочи дека ги еродира сите параметри, сите репери на системот и тој во крајна линија или ќе го дестабилизира финансискиот сектор каде се врзани пензиските фондови или ќе се претвори во надворешен долг преку банките кои дарежливо и даваат на Владата да се задолжува.

– Задолжувањето од друга страна е трошење хипотетички ресурси, немаме гаранција дека утре ќе имаме 0,5 стапка на раст, а ние антиципираме трошење скапи ресурси, кои некогаш се движат и до десет проценти каматна стапка кои нема теоретска шанса да се остварат во ваква економија…Значи трошиме хипотетички ресурси, предупреди Петрески.

За академик Петрески во Македонија постои сериозен судар меѓу реалната каматна стапка, реалната стапка на раст и задолжувањето, односно цената на долгот.

– Тука може да имаме буџетски дефицит, влегуваат во игра варијантите каматна стапка, девизен курс. Ние се наоѓаме во невозможен триаголник на судар на буџетскиот дефицит, јавните трошења, задолжувањето и нивоата на монетарните параметри, истакна тој,

За тоа колку буџетските трошења колку се двигател на растот, теоријата дели три ставови и тоа според едните буџетскиот дефицит е позитивен за растот, неокласичарите велат никако бидејќи е штетен оттаму што приватната потрошувачака е поефикасна од јавната, додека рикардијанците велат сеедно сакате дефицит сакате суфицит.

– Во зоната на периферен неолиберализам како нашиот се зголемија општествените нееднаквости на кои треба да се внимава, се влоши материјалната состојба на сите слоеви освен на најбогатите, најзагрозена категорија се помалку образованите и невработените и тие се доведени до ситуација да се приближуваат до власта, феномен присатен кај сите поголеми политички активности, бидејќи само таму гледаат можност да валоризираат некоја добивка. Главната причина поради која пропаднавме од времето на конфликти до денес е недостаток на владеење на право и отсуство на личен дигнитет на носителите на јавни функции и на јавни позиции по сите нивоа и вертикали во последните 30 години, рече тој.

Во услови кога транзицијата трае 30 години, окарактеризирана со тенденции за џебен монетаризам, забрзано неодговорно, предаторско трошење на ресурсите, проследено со висока корупција, со задоцнета  транзиција што оддава впечаток на интелектуална, институционална и морална конфузија, кој би бил излезот?

– Триесет години слушам дека фундаментите на македонската економија се солидни, дека каматните стапки се историски ниски, курсот е стабилен, растот само што не ѕвони на вратата, а од друга страна се предупредува за рапиден раст на задолжувањето, анемичен пат, бавен пат, резилентна економија.

Кога се нудат решенија, како на пример извозно обоен раст преку извозно ориентирана индустрија. Ни тоа не е бесплатен ручек, таму на масата каде се извезува веќе има заседнати многу јаки, многу посилни од нас, меѓусебно запознаени, со меѓусебно вопоставени врски, коските ги дојадуваат… Стратегијата на извозен раст покажа дека и тие стопанства најсеризоно беа погодени бидејќи се сензитивни, ранливи, нив најбрзо ги погодува кризата, но ние сме отпорни бидејќи воопшто не сме таму, забележува Петрески посочувајќи дека тоа ќе мора да биде елаборирано во владината визија при реконтруирањето кон извозно ориентирана индустрија.

Петрески нагласи дека таквите структурални промени бараат длабоки суштински реформи во целото образование, во целото општество системот на вредност, во менталитетот, бара трудољубиво население, бара жестока мобилизација на населението, напор за да се избие напред, што во Македонија како што рече, го нема оттаму што тука владее „летаргија 30 години“.

Истовремено предупреди дека тој чекор на извозно ориениран раст има цена, социјална цена, блокиран е од популизам, од разни политички демагошки движења…

– Тие веднаш повикуваат на мали плати, веднаш се дерогираaт како идеи… Ние имаме луксуз на лежерен, комотен, лабилен политички систем кој може се месеци да дебатира нешто банално…

Обраќањата на сите учесници на Конференцијата ќе бидат објавени во посебен Зборник како форма на предлози и мерки, сугестии што би биле употребливи и корисни за креаторите на политики. 

Извор: Сител

SHARE