Академик Маџунков: Македонија има што да му даде на светот но тој ни сврте грб

Во Загреб неодамна престојуваше македонскиот книжевник и академик Митко Маџунков (1943), романописец, драмски писател и есеист, добитник на неколку угледни книжевни награди, меѓу кои македонската државна награда 11 Октомври, и наградата за животно дело Војдан Чернодрински. Автор претставен во странски антологии и преведуван на повеќе јазици, Маџунков како гостин на Фестивалот на светската книжевност Фрактура (ФСК), говореше за својот роман ,,Времето на ирвасите” (2003), неодамна објавен од издавачот Диспут, а во превод на Борислав Павловски. Книгата која се смета за пресвртница и која и’ отвори нови хоризонти на македонската книжевност, ,,Времето на ирвасите” како дело парадигма го зема ,,Дон Кихот” на Сервантес, позајмувајќи ја од него епизодната структура и мотивот за потрагата како метафора на изгубените донкихотовски вредности.

Секој разговор за вашиот роман ,,Време на ирвасите” почнува со прашањето за односот на вистинитото и стварното, за истото за кое се залага и вашиот главен јунак Кирил, тргнувајќи од мислата на Тин Ујевиќ за Дон Кихот, а тоа е ,,борба на стварноста да се оствари, борбата на стварноста за вистинитост, борбата на вистинитоста за стварност”. Што подразбирате под ,,стварност”, што е според вас ,,вистина”, и како вистината може да се избори за стварност?

— За мислата на Тин Ујевиќ во романот се вели дека е една од најважните за книжевноста. Тој говори за ,,стилизација врз која духот предадено работел” што значи дека стварното и вистинитото не се однапред зададени константи. Мојата основна појдовна точка е дека стварноста не е доволно вистинита за да биде прифатлива на начин на кој е прифатливо едно добро напишано книжевно дело. Книжевноста го положи испитот пред светот, но не и светот пред неа. Ако воспоставувањето на стварноста како вистинитост (прифатлива вредност), го примениме на Сервантес, ќе видиме дека тој не постои во своето време онака како што постои денеска, или така како што тогаш постоел Лопе де Вега, кој се дрзнал да напише 2200 драми, а ќе биде запомнет по зборовите дека нема полош поет од Сервантес, или толку глупав што ќе го пофали Дон Кихот.

Книгата е дел од тетралогијата во која е собрана приказната за распадот на бившата држава. Зошто е просторно-временскиот контекст на (имагинарната) потрага по Дон Кихот на нашето време земен Белград 1986?

— Играта со времето ќе биде произволна и штетна да не е во служба на воспоставување на подлабока книжевна стварност. Во светот владеат фалсификати на сите нивоа: превласта на популарната книжевност над врвните дела тоа го потврдува. Светот признава само употребна вредност. Во мојот опус од првата објавена до последната напишана реченица, се истрајува на внатрешното единство на сè што постои, видливо и невидливо, стварно и имагинарно, од каде што се создава единството на делото, тоа е авторски потпис со кој се проверува дали е нешто оригинално и автентично или е конструирано. Ако се користи произволно некој сегмент како сопствено решение, се губи смислата, и книжевноста од сериозна дејност се претвора во шкрабање. Во светот на потрошувачката тоа не може лесно да се распознае, како што не може да се распознае вграденоста на основната наука во сегментот на технологијата.

Како што со ,,стварниот” свет владеат будали, така и во светот на ,,идеите” владеат плагијати. Големите теми како што се нестварноста и времето често се користат механички, врз основа на надворешните знакови, без никаков увид во нивната суштина. За да се размрси тоа, дали е вака или онака, некој мора да му се посвети на делото, а тоа не е можно без апсолутниот слух, без свеста за важноста на нештата. Кај мене некаде стои дека книжевноста е спас. Но како може да биде спас она што останало маргинално и непознато?

Зошто во романот времето е непостојано, колебливо, променливо; не е белким поради метеоролошките услови? Не, туку затоа што времето незабележливо поминало. Животот, додека трае, е вечен, затоа што го опфаќа севкупното време, но таа вечност никому не му треба- така барем се вели во романот. Другиот дел од тетралогијата ,,Птиците од ланските гнезда”, почнува ,,утрешниот ден”, а утрешниот ден е недела, но во меѓувреме поминале дваесет години, а ,,како ништо да не се случило”. Животот незабележливо поминал и светот пропаднал, а ништо драматично не се ни случило. Тоа не може да се напише таму каде што стварноста не се изборила за својата вистинитост.

Зошто во Белград, велите? А каде се случи тоа? Таму почна сè, со тоа што Осмата седница од 1987 година е префрлена 1986, за да се видат појасно последиците од Чернобил. Тогаш почнаа познатите настани во кои некој доби една третина од држава, некој половина, некој цела, едни се смалија, на други им се зголеми државата, на трети им е одземена, а голем број луѓе не преживеаја за да доживеат макар нешто од тоа.

Дон Кихот своето отелотворување во книгата го наоѓа во ликот на скитник, како метафора на пропаѓањето на современиот свет, од кое што произлегува едно од најактуелните епистемиолошки прашања на денешницата: што се случило со херојството, со возвишеното, со донкихотството ?

— Општата редукција на вредности во романот, па кога е во прашање и ликот на Дон Кихот, јасно е видлива. Но не станува збор само за тоа дека вистинскиот Дон Кихот исчезнал од лицето на земјата, туку дека исчезнал дури и лажниот Дон Кихот, ,,од Библиотеката”. Ова не е книга само за исчезнатите идеали, туку и за упорната потрага по сè она што исчезнало, или ни треба, некогаш симболично, некогаш буквално. Во романот сите трагаат по нешто, макар тоа нешто и да не е секогаш нешто важно и големо.

Редуцираната вредност сè уште е вредност. Пародизираниот свет е сè уште свет. Но распоредот на стварното и вистинитото, онака како што тоа е поставено во романот, е неповолен. ,,Во нашиот живот сè се случува како да сме влегле во него со бремето на обврските што сме ги презеле во некој поранешен живот”, вели Пруст. Ние не можеме да го свалиме тој товар. ,,Дали на магаре кон Ерусалим, дали на крилест коњ кон Индија, дали на сенката на тој коњ накај Саламанка”, како што стои некаде во романот, ние мораме да останеме на тој пат, па и тогаш кога на него ништо повеќе нема да има.

Во романот не случајно е начната темата за Исус и рибарите од Галилејското езеро како анонимни луѓе, кои станувајќи приказна и литература, а со тоа и религија, го преобразија светот. Ако го запоставиме религискиот контекст, што значи тоа да мораме да се ослободиме од сè што е наше, и што веруваме дека ни е потребно за да бидеме вистински слободни?

— Приказната за Исус и приказната за современиот свет не одат фатени под рака. Во устројството на современиот свет поважни се феномените од суштината, на пример успехот во сите дејности во однос на вредностите. Играта постои заради играта, а потоа некој итроман ја уфрлил таа ноторна глупост дека е важен резултатот, а не играта. Во денешниот свет Исус не би бил успешен, па според тоа ниту почитуван. Во ,,Ирвасите” станува збор за животно маргинални јунаци на кои им е дадена апсолутна важност барем во книжевното дело. Приказната за Исус преживеа, но некогашниот Исус не може да се собере во нејзината сегашна рамка. Така што и неговата приказна, инаку добро внедрена во стварноста, исто така е приказна за редукцијата.

Никому не му требаат сиромасите, во светот на богатите тие се само декор за демонстрација на милосрдие (или суровост). Па сепак, вистинскиот живот, животот на поголемиот дел од човештвото, се одвива во анонимност. Историографијата се занимава со историски личности и со важни настани, а вистинската историја (а тоа е животот на луѓето во нивното секојдневие) всушност е целосно невидлива, па според тоа, историски гледано и неважна. Едно од прашањата кои ги поставува мојата книга е: што се случило во меѓувреме со оној Исус кој не преживеал дури ни како книжевност?

Во инаугуративниот говор по повод примањето во МАНУ 2007 година, рековте: ,,Ако нè извадат во ковчег од Југославија знаеме каде ќе се закопаме, но ако нè извадат во ковчег од Македонија- каде ќе ни биде гробот?” Од сегашна перспектива, тие зборови се чинат, прилично пророчки. Можно ли е преку книжевноста да се промени идеологијата на општеството?

— Поточно, тоа е речено многу порано уште во 1994 г. во обраќањето по повод добивањето на наградата роман на годината за ,,Кон другата земја”. Во тоа време веќе се чувствуваше одбивност кон Блаже Конески, што беше првиот знак на сегашната катастрофа. Тогаш реков нешто околу тоа, па ја изговорив и реченицата што ја цитирате. Таа, меѓутоа, има своја предисторија. Ја слушнав, всушност, во сон и тоа од тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров. Во говорот, разбирливо, тоа не го споменав.

Неколку години подоцна Ташко Георгиевски ми раскажа како тој мој текст го прочитал како свој прилог на темата за бегалците од Егејска Македонија. Глигоров седел во првиот ред, ми рече Ташко, и додека слушал очите му се наполниле солзи. Тоа го спомнувам затоа што ми се причини дека неговата пуштена солза над таа реченица, всушност е одговор на вашето прашање што може книжевноста да стори. Книжевноста не може да стори ништо, но барем нè држи будни тогаш кога не му е времето за спиење.

По референдумскиот неуспех во однос на прашањето на договорот со Грција, околу промената на името на Македонија во ,,Северна Македонија”, се чини дека мнозинството Македонци прати јасна порака, која владата на премиерот Зоран Заев или не ја примила или отворено ја игнорира. Што значи таа ситуација за менталното здравје на нацијата?

— Референдумот покажа дека македонската нација е родена, а оние кои се избрани во Парламентот да ја чуваат, ја укинаа со притискање на копчето. Македонија денес е минато без минато, а со тоа и без иднина, затоа шго минатото е единствено тло на кое може да се стои. Станаа вистина, за жал, моите мрачни прогнози. Макар што е нерегуларно сè што се случува кај нас уште од конституирањето на Парламентот, малиот и беспомошен македонски народ нема да може да му се спротивстави на светот, кој се нафрлил на послабиот и решил да ја спроведе својата волја. Од почетокот зборував дека главниот проблем на Македонија е тоа што нашата територија уште 1913 е избришана од картата на светот, и поделена.

Ако Крлежа не видел дека меѓу Куманово и Брегалница всушност нема разлика, како ќе го видат тоа креаторите на тие битки и нивните помагачи? Хрватскиот народ добро знае до која мера инаку благородните стремежи, како илирското движење, на пример, може да водат до губење на јазикот и народот. Македонското шурување со Грција, Бугарија и Југославија, а сега и со светот, личи на тие добро познати историски процеси, на кои конечен резултат е сопствената смрт.

Грција и Бугарија до денешен ден не го признаваат македонското малцинство на својата територија, без забелешки од страна, а сега се наградени и со општо непризнавање на последната третина. Балканските војни се крваво европско бреме, и сега сите убаво си ги измија рацете, и учесниците и соучесниците, а територијата им е оставена на грабежливите птици и на оние кои што ги надгледуваат. Тоа е планетарен настан без преседан, во кој е суспендирана стварноста, токму како во мојот роман. Суспендиран е здравиот разум и избришан е цел еден народ, а никој ниту трепна. ,,Што мислат тие луѓе за нас кога се подготвени на сè, зар не им е срам”, тоа е прашањето кое си го поставува секој разумен Македонец денеска.

Неодамна, како главен редактор, ја завршивте Антологијата на светската книжевност во 560 томови. Како земја свртена кон Европа, колку Македонија е вклучена во актуелните книжевни движења?

— Антологијата на светската книжевност за чиј изглед сум најмногу заслужен, но и виновен, претставува класична мондијалистичка структура во која е запоставено сè она што не е веќе широко прифатено и афирмирано и не припаѓа на големите јазици. Тоа го направив свесно, најмногу за да и’ го покажам на ,,простата Македонија” она најпознатото што е создадено во светот, а патем да ги тестирам можностите на македонскиот книжевен јазик, во неговиот конечен облик.

Едицијата има мани, но барем во поглед на македонскиот книжевен јазик ја покажа неговата способност да застане рамо до рамо со развиените јазици. Многу ремек-дела се објавени за прв пат во таа едиција, но тоа не беше некоја голема вест ни за домашната ни за странската јавност. Македонија има што да му даде на светот, но светот и’ сврте грб, создавајќи своја Македонија која вистинските Македонци нема да ја прифатат никогаш.

Интервју на Геа Влаховиќ со Митко Маџунков,
објавено во Загреб во ,,Вијенац” (Матица хрватска), бр. 644 од 8 ноември 2018 година

Превод: Трајче БЈАДОВ

SHARE

Оставете Коментар