Албанците како дежурни бабароги – Пишува Роберт Димитриевски

Нема, нема, па – туп: Албанците ќе се отцепеле, ќе предизвикале војна, не знам што ќе направеле ако не им се задоволи некое барање или ако Македонија не оди по патот по кој тие мислат дека треба да оди. Така ги плашеа македонските граѓани кога се трасираше патот за независноста од СФР Југославија, така беше за време на конфликтот во 2001 година и при донесувањето на Рамковниот договор, а така беше и неколку години подоцна со референдумот за новата територијална организација на државата. Таков беше аргументот и за признавањето на Косово, такви сценарија се вртеа и кога Македонија во Букурешт извиси за НАТО поради ветото на Грција, како и во почетокот од годинава при силеџиското „донесување“ на законот за двојазичност.

А таква порака, богами, деновиве испратија и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, како и поранешниот пратеник Исмет Рамадани. Демек, не можеле да гарантираат како би реагирале Албанците ако не биде прифатен договорот Заев-Ципрас за преименување на државата во Северна Македонија и со тоа влез во Алијансата. Или ако Косово се подели така што северот, каде што живеат Срби, да се припои кон Србија, а таа за возврат да ја признае за независна покраината што сè уште ја смета за свој составен дел.

Цели 27 години од осамостојувањето постојано заплашување со една те иста бабарога. Албанците упорно се (зло)употребуваат како страшило, пред сè, за етничките Македонци. И, што е најтрагично, секогаш во клучни историски мигови кога влогот се иднината на матичната држава на македонскиот народ и/или неговиот идентитет.

За какви тогаш „едно општество за сите“ и „живот во Македонија“ зборуваат тие што дојдоа на власт помогнати токму со гласовите на избирачите од втората по бројност етничка заедница во државата, кога своите сограѓани и нивните сонародници од регионот ги лоцираат како потенцијален фактор на дезинтеграција?! Полна им е устата со сожителство, со еднакви можности, со инклузивност во општеството и со што ли уште не, а ваму цело време мнозинството граѓани треба да се плаши од најголемото малцинство. Како ли ја замислуваат меѓуетничката толеранција и градењето заемна доверба меѓу заедниците ако некоја од нив мора цело време да отстапува во интерес на некоја друга „заради мир во куќа“?

Што ако утре се радикализира друга заедница, на пример верска, па ги уценува останатите или, во спротивно, ќе ја крене државата во воздух? Што ако некому му текне да се стори гемиџија, па да го потсети светот дека токму од овие простори потекнуваат првите терористички форми на борба за политички или национални цели, кои се изучуваат и на американските воени академии?

Наместо подмолно потпалување (националистички) страсти во земја што циклично влегува во меѓуетнички тензии и кризи и со тешки маки потоа излегува од нив, нека смислат поиздржани аргументи за тезата „или НАТО и ЕУ по секоја цена, или потоп“. Впрочем, чуму им е на Алијансата и на Унијата идна членка што е несигурна за својата иднина, плашејќи ги своите граѓани со разно-разни дестабилизатори? Нестабилен партнер е последното нешто што им треба и што би се согласиле да прифатат.

Македонија е премногу кревка за играње со оган преку заплашување на едни со други од политички побуди. Колку и да изгледа како излитена фраза, факт е дека и на Македонците, и на Албанците, и на сите други националности што битисуваат тука им треба повисок животен стандард, ред и поредок, мирна коегзистенција, а не тензии и гледање меѓусебе попреку. Колку побрзо го разберат тоа (не)свесниве пиромани, поголеми им се шансите да не си ги изгорат прстите со запалливите изјави и прогнози за судбината на оваа земја.

 

6 Коментари

  1. Gakite mi gi zatresoja so albancive hahahahaha, abe mockovci ko Pero Piperot i Izmet imalo i ima, ama na pat sme se od tie gomna da izbriseme so propasta na referendumot i obidot za promena na anseto sveto ime..MAKEDONIJA VECNA

  2. Роберт, погрешно си разбрал. Не се работи за заплашување. Се работи за интерес на една голема заедница на граѓани на Македонија. За каква „матична земја на македонскиот народ“ зборуваш? А која е „матична земја“ на албанскиот народ во Македонија? Албанија? Нормален ли си? Што значи тоа? Ако не се задоволни во Македонија да си одат во Албанија? Македонија е „матична земја“ на сите граѓани кои имаат македонско државјанство. Тоа што ти и сите тие го заговараат – дека Македонија е „матична земја“ само на македонскиот народ, а не на сите државјани на Македонија, има име, тоа се вика ФАШИЗАМ.

    • Za fasizam ti najmalku treba da zboruvas zosto toa vi e vo krvta. A ako albancite ja cuvstvuvaat Makedonija kako maticna drzava red e da pokazat i lojalnost sprema nea.

  3. А што лојалност покажа ВМРО-ДПМНЕ спрема државата? Лојалност ли е да се повикува против НАТО и ЕУ преку отфрлање на договорот со Грција, што е услов за влез во НАТО и ЕУ? Нема друг пат за НАТО и ЕУ освен прифаќање на договорот? Која е алтернативата за Македонија ако не влеземе во овие организации? Зошто не размислувате?

    • Bas deka razmisluvame ne se soglasuvame so toa. Mnogu pati sum kazal sto i zosto mi preci ama ti trba da me ubedis vo nesto vo sto neveruvam. Spored tebe lojalni se samo huntata na crpko so nametnatite koalicioni partneri (od cadorot)

Comments are closed.