Албанците собираат пари за казните на Џака, Шаќири и Лихтштајнер

Албанец од Њујорк покрена акција за собирање пари онлајн за да се плати вкупната парична казна од 25.000 швајцарски франци од ФИФА за тројца репрезентативци на Швајцарија за натпреварот со Србија на Светското фудбалско првенство во Русија.

Стрелците Гранит Џака и Џердан Шаќири треба да платат по 10.000 франци за „летањето орли“ при славењето на своите голови во победата од 2:1 над Србија, а капитенот Стефан Лихтштајнер е казнет со 5.000 франци за изјавите по мечот со кои ги зеде во одбрана двајцата колеги од националниот тим.

Само во првите два часа од покренувањето на акцијата на њујорчанецот Рилинд Река од Косово се собрани над 10.000 американски долари.

Иако се очекуваше Џака и Шаќири да добијат забрана за настап на најмалку две средби поради мешање на политиката во спортот со импровизирањето на симболот од знамето на Албанија – двоглавиот орел, Дисциплинската комисија на ФИФА реши да ги казни само парично.

Повеќе од двојно поголема казна, пак, светската куќа на фудбалот му изрече на Фудбалски сојуз на Србија (ФСС), кој треба да плати 54.000 франци за дискриминирачки пароли од трибините и за фрлање тврди предмети на теренот во дуелот со Швајцарија. Згора на тоа, претседателот на Сојузот, Славиша Кокеза, и селекторот Младен Крстаиќ добија казни од по 5.000 франци за критиките за судијата Феликс Блих за недосудениот пенал врз Александар Митровиќ при 1:1, кога стрелецот на голот на Србија беше соборен во шеснаесетникот од двајца противнички дефанзивци.