Албанците во Црна Гора повикани да го истакнуваат знамето како во Македонија

По примерот со Македонија, партијата Албанска алтернатива ги повикува сонародниците во Црна Гора да продолжат да го истакнуваат албанското знаме, макар и да бидат казнети, а во тој случај да ѝ се обратат за покривање на трошоците што би можеле да ги имаат до институционалното решавање на ова прашање.

„Со жалење ја констатираме некултурната и антицивилизациска постапка на поедини службеници на полицијата , но и на прекршочните судии, кои решија да се занимаваат со ‘ќорава работа’. Не може полицијата, ниту можат судовите, колку и да се обидуваат, да ги заплашат и за ди запрат Албанците да го носат и да ја истакнат љубовта кон нашето национално знаме. Колку и да бидат ангажирани, не се во состојба да казнуваат колку што сме подготвени да платиме за да го одбраниме нашето знаме, нашата гордост што ги поврзува Албанците каде и да се“, е пораката од лидерот на Албанска алтернатива, Ник Ѓељошај.

„Ние сме автохтон народ, ги почитуваме Црна Гора како своја држава и националните симболи на Црна Гора, тоа континуирано сме го покажале, но омразата што ја искажуваат поедини институции спрема националното знаме на Албанците во Црна Гора е проблем што е веќе невропсихијатриски случај“, додава тој.

Минатата седмица полицијата приведе жител на Улцињ, кој на задните  врати од својот автомобил имал закачено албански знаменциња, поднесувајќи му пријава за прекршување на новиот Закон за државните симболи. Во полициската станица тој рекол дека знаменцињата ги закачил во чест на 28 ноември, Денот на албанското знаме, не знаејќи дека тоа е спротивно на законот.

За разлика од Црна Гора, во Македонија на празникот на Албанците масовно беше кршен Законот за употреба на знамињата со истакнување само на албанското во средините со мнозинско албанско население, а нема информации дали некој е санкциониран за тоа.

Според последниот попис од 2003 година, во Црна Гора живеат 30.439 Албанци или 4,91 отсто од вкупно 620.145 жители на најмалата ексјугословенска република.

 

SHARE

Оставете Коментар