Албанија ќе поддржи центар за азил вон ЕУ, но прво ќе зборува со Македонија!

Во настојувањата да ја ефектуира позитивната препорака за почеток на преговори за членство со Европска унија, Албанија изрази подготвеност да ја поддржи идејата за отворање центар за азил надвор од ЕУ што ќе ги прифаќа одбиените баратели, но прво сака за тоа да разговара со Македонија.

„Албанија е подготвена да ја поддржи таквата иницијатива на Австрија и на Данска. Но, за ова прво треба да се разговара со соседните земји, како што е Македонија“, изјави заменичката-министер за внатрешни работи Ромина Куко, која не сакаше да каже дали нејзината земја ќе биде домаќин на таков центар.

Темата беше официјално дебатирана вчера на специјалниот состанок во Сараево за контрола на миграторните движења на балканската рута.

Куко објави дека на 18 и 19 јуни во Виена ќе се одржи состанок во рамките на Работната група на Европол со Западен Балкан и „потоа сликата ќе биде појасна“. Таа, исто така, најави состанок на земјите од ЕУ во Тирана во октомври, на кој ќе се разговора околу овие прашања за азил и миграција.

Куко, исто така, ги гледа напорите на Албанија за зајакнување на граничната безбедност на ЕУ во контекст на претстојната одлука на Унијата за отпочнување на преговорите за пристап со Тирана.

„На ЕУ ѝ се потребни сигурни надворешни партнери“, рече заменичката-министер за внатрешни работи. „Отворањето на разговорите за пристап дефинитивно ќе помогне“.

Станува збор за критериуми за подобра заштита на границите, полициски стандарди и подобра размена на информации.

Куко рече дека е одговорна за разговорите за поглавјата 23 и 24 од областа на правосудството и оти има пет тима кои веќе се подготвуваат.