Алфа ТВ: Прифатни центри во Македонија во замена за датум за преговори со ЕУ?!

Ќе прими ли Македонија за постојано бегалци и мигранти од Блискиот исток и северна Африка, во замена за датум за преговори со ЕУ? Владини претставници во повеќе наврати велат дека нема, но пораките од ЕУ и подготовките на теренот покажуваат дека Македонија дефинитивно е на европската мапа за изградба на бегалски кампови, пишува ТВ Алфа.

Тоа го потврди и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани кој рече дека за ефикасна заштита на европските надворешни граници потребни се центри за баратели на азил надвор од ЕУ, при што нив ги гледа на Балканот, конкретно во Албанија и како што рече, во Северна Македонија.

Дека во ЕУ сериозно се работи на идејата за прифатни центри во Македонија и Албанија, тврди и поранешниот министер за странски инвестиции Веле Самак, според кого тие за возврат ќе добијат датум за преговори со унијата, кој сега е ставен под знак прашалник поради противењето на Франција и Холандија. Прифатни центри би никнале и во Србија но не прецизира што Белград би добил како противуслуга, иако е извесно дека повторно би било поврзано со евроинтеграциите на северниот сосед.

ЕУ-мини самит за спас на Меркел ради мигранти. Меркел ќе бара азил-центри во Албанија, Македонија, Србија. За возврат почеток на преговори со Македонија и Албанија. Ради деликатноста со геноцидниот договор Македонија не се спомнува јавно – напиша Самак на Твитер.

Владиниот портпарол Бошњаковски меѓутоа, во изјава за Алфа вели дека бегалските кампови засега не се предмет ниту на расправа на Илинденска.

Во владата на Република Македонија, во овој момент не се води било каква дискусија за изградба на бегалски кампови на наша територија – рече во изјава за Алфа владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Алфа од своја страна веќе објави дека Прифатен центар би се градел во скопско Бардовци, на само 500 метри од првите куќи. Документите до кои дојдовме посочуваат до запуштена, поранешна локација на ЈНА. Според нашите извори, градбата ќе биде финансирана од ИПА фондовите, а земјиштето, кое е во сопственост на државата, со одлука на Владата веќе му е предадено на трајно користење на МВР.

1 Коментар

Оставете Коментар