Алија Сиротановиќ: Човекот од 20-илјадарката

Новинарот Димитар Ќурчиев потсетува на симболот на СФРЈ, човекот успеа да постави рекорд поради кој се најде на југословенска банкнота.

На денешен ден,13 мај 1990 година во Трториќи кај Бреза во некогашната југословенска република Босна и Херцеговина умре Алија Сиротановиќ, рудар, ударник и јунак на социјалистичкиот труд, светски рекордер во копање на јаглен.

По Втората светска војна, на иницијатива на СССР, во земјите на социјализмот, отпочнале акции за соборување на рекорди во копањето на јаглен. Прв во СССР тоа го постигнал Алексеј Стаханов, па неговите следбеници подоцна се нарекувале стахановци.

Анджеј Вајда, прославениот полски режисер, го сними антологискиот филм „Човек од мермер“ на оваа тема, овој пат во Полска.
Комисијата што го следеше подвигот на Алија објави:

„Алија Сиротановиќ за осум часа ископа 152 тони јаглен (253 колички), и со натфрлената норма од 215% го сруши дотогашниот рекорд на Стаханов за 50 тони повеќе и на тој начин постигна нов светски рекорд во копањето на јаглен“.

Јамата 1 во која бил срушен рекордот била позната под името „Ровот на војвода Путник“.
Во 1987 година рекордерот Сиротановиќ беше насликан на југословенската банкнота од 20.000 динари, која набрзо беше повлечена од оптек во монетарната реформа на тогашниот премиер Анте Марковиќ. Често, но погрешно, Алија го мешаат со Ариф Хералиќ, ливецот од Зеница, кој се наоѓа на прочуената југословенска банкнота од 10 динари.

Во една пригода рударот Алија му се пожалил на Тито дека лопатите се мали кога Тито го сретнал и го прашал: „Како е?“. Алија одговорил: „Лошо, друже Тито, лопатата ми е мала“. Подоцна за него била направена поголема лопата. Меѓутоа лопатата не била негова основна алатка.

Алија всушност работел со пневматска бушилка и тоа со две истовремено додека го „копал“ новиот светски рекорд во ископ на јаглен.