Аман од протести, акал и решенија ни фалат – Пишува Горан Момироски

Слушам деновиве најави на високи претставници на ВМРО – ДПМНЕ за протести против владата на Зоран Заев. Не се знае точниот датум, се бира ден и место за тие да бидат помасовни и поуспешни, што и да значи тоа.

И веднаш ми доаѓа сликата пред очи. Илјадници луѓе со знамиња во рака. Некои насмеани, некои преморени, некои со песна. Пристигнуваат со платени автобуси или пешки. Некои од нив со подготвени од дома восклици во грлото: „Умрете комуњари“ или „Заев предавник“.

Ќе кажат неколку гости и функционери по некој лаф за лошата влада, ќе повторат дека Зоран Заев работи против Македонија. Ќе излезе на крајот и лидерот Мицкоски , ќе се осврне на името, на катастрофалната економијата, на Тиранската платформа.

Ќе се зборува за „Господинот Оџа“, за советникот за странски инвестиции со искуство од Хашкиот Трибунал, за парцелите во Струмица, за плантажите со канабис, за политичкиот реваншизам во дипломатијата и администрација. За селективниот пристап на СЈО, за невините ДУИ-џии. А зборовите ветрот ќе ги носи отаде Водно. Во заборав.

Ќе се бараат и оставки и заминување на владата. Ќе се потсети на неформалното собрание и влада избрани без записник во Парламентот. Ќе се споменат ќерката на Талат и синот на Грчев кои митингот ќе си го гледаат на телевизорите купени со првиот хонорар од ЕЛЕМ. И ќе се смеат на „идиотите што за сендвич се потегнале од Росоман или Ростуше. Ако почне порано протестниот марш може да даде простор за споменување сите мали и големи глупости и грешки на оваа гарнитура на власт.

И вечерта сите по дома. Да гледаат на телевизија. И да се нервираат затоа што комуњарските медиуми не пуштиле снимка кога „кога беше најполно и кога имаше сто и повеќе илјади“. Да уживаат во снимката од дронот што „најдобро покажува колку сме јаки“ и дека скоро „оваа ненародна власт ќе падне под силата на народот“.

На крајот на денот ќе дојдат луѓето од Комунална Хигиена да го соберат ѓубрето ќе викаат „море што прост народ се собрал, како да не виделе корпа за ѓубре никогаш во животот“.

Наредниот ден провладините и проопозициските медиуми ќе почнат со втората епизода од проектот „Голем протестен митинг на опозицијата“.

Ќе заиграат лењирите и математиката, ќе се множат квадратни метри по тројца луѓе (за дебели како мене по двајца), ќе се симнуваат фотографии од Гугл Ерт, ќе се убедува дека опозицијата ги инструирала луѓето да „се раштркаат за да изледа масата поголема“, ќе се прават дијаграми и паралелопипеди, ќе се решаваат равенки со 3 непознати за власта да докаже дека „немаше повеќе од 9 илјади“ а опозицијата дека „биле меѓу 60 и 90 илјади.

А во меѓувреме Македонија ќе крвари. Партиите ќе се препукуваат а децата ќе си одат. Предолго трае ова малтретирање на народот по митинзи и протести а премалку народ останува во земјата со секој нареден митинг.

Новото раководство на опозицијата има шанса за воведување на нов концепт во политиката, има шанса да го почне процесот на толку потребното национално помирување. Новиот лидер и екипата околу него мораат да учат од грешките. И од добрите чекори како поддршката за реформскиот пакет закони даден пред годишниот изветштај на Европската Комисија.

Факт е дека Македонија не била во полоша ситуација. Дури и за време на бомбите и насилните протести на „Шарената револуција“ не беше толку лошо. Затоа што огромен број луѓе гогаш се надеваа дека по „дождот ќе дојде сонце“ дека Заев и екипата имаат сила за промени од кои сите ќе добијат колач. А не како сега најголемиот ќар да го имаат команданти, убијци и криминалци.

Затоа сега е полошо. Веќе речиси нема човек што верува дека Македонија може да се промени на добро. Правецот е речиси забетониран и е содржан во просто проширениот рецепт за сигурен пекол: „Кога ќе се вратиме на власт, ќе платат за се што ни направија“.

И тука е централната улога на новото ВМРО – ДПМНЕ. Да понуди решенија и идеи. Да ги понуди сите свои капацитети на власта. Безусловно и без лукративни причини.

Јасно е дека оваа власт која што може да владее уште 3 години, притисната од омразата кон ВМРО – ДПМНЕ и од луѓето кои што како Хоџа чекаат лепче за своите деца не е рационална. Јасно е дека и покрај изјавата на премиерот дека го слуша гласот на граѓаните и медиумите, не може да се отргне од класичниот начин на владеење во кој победникот зема се и владее со се.

Јасно е дека се нема идеја кој пат да се фати. Дури и ако се влезе во НАТО иднината не ни е розова, затоа што алијансата и особено САД може да ни дадат 200 или 240 милиони долари во оружје и воена опрема но тенкови и хаубици не се јадат. Лепчето ќе мора сами да го замесиме и да го испечеме.

Ни НАТО ни ЕУ нема да ни помогнат ако сами не си помогнеме. И тука е шансата на ВМРО – ДПМНЕ. Колку и да звучи апсурдно опозицијата треба да работи за Македонија како да е на власт. Да работи за општото добро а не само за својот рејтинг. Да покаже отвореност и кон селото и градот, и кон ЛГБТ и „сељаците“ и кон анархистите и екологистите. Да не се сити на грешките на власта што нејзе и носат поени а на Заев лош имиџ. Затоа што тој имиџ еден ден сите заедно може да не сотре. Тешко е да се прифати ама така е, сега Заев е имиџот на оваа земја. Со записник или без него.

Капацитетите на Македонија се минимални и не се концентрирани само на еден или два политички субјекти. Сегашната опозиција има две опции. Или да ги користи своите ресурси и знаење стекнато во последниве десетина години за општо добро, или да ја раскинува владата одвнатре со нечинење и мирно да гледа како земјата се распаѓа пред нивниот нос. И да чека еден ден да дојде на власт во распадната држава.

Не треба да има формална „Голема коалиција“ за да земјата го искористи сиот свој потенцијал. И од опозиција се прават работи за кои нема да добиете политички поени и нема да ја оцрните власта но еден ден тие што нема да заминат од Македонија ќе го ценат тоа што сте го направиле за нив.

Дури и ако Заев притиснат од сите страни, пред се од тие што околу него заговараат апсолутна омраза кон „вмровското зло“ одбие помош тоа не е алиби за непомагање. Анализирајте ги законите, кажете каде се греши. Понудете решенија таму каде што знаете дека може да се поправат работите. Почнете со бенигни работи. Стигнете до законот за јазици, за името, за идентитетот. Обидете се да изградите заеднички позиции барем за нешто. Нека одбиваат, ако е идејата искрено позитивна некој ќе препознае. Сите ќе разберат. И ќе имаат надеж.

Младите луѓе функционираат на методите на имитација и идентификација. Ако видат дека вие сте искрени и чесни и тие ќе бидат такви. Ако препознаат интригантство и тие ќе бидат лицемери и интриганти.

Македонија нема време за губење, ниту енергија за трошење, ниту деца за емигрирање. Сега ни е шансата, друга кој знае дали некогаш повторно ќе добиеме. На Македонија и треба нов концепт во политиката и животот.

Приказаната за скопјанката Сема Џеладини која за 24 часа само на овој сајт ја прочитаа над 40 илјади луѓе е добра причина да се верува дека доброто секогаш победува пред злото, дека чесното е секогаш корисно дури и кога изгледа неефективно. И дека граѓаните, и гласачите знаат да препознаат искрена желба да се направи нешто од срце. Без политички позадини, интриги и игри. Искрено и со чиста душа. Како никогаш порано.

3 Коментари

  1. Ме радува ова што го читам. Ваков Горан Момироски и` треба на Македонија. Вака размислува секој вистински патриот. Ова е вистински патриотизам. Честитам.

  2. Нема решение на проблемот со ИМЕТО! Потребо е воспоставување Уставното име Република Македонија во ООН!

  3. Се додека ВМРО не прифати како свој Програм Стратегијата за одбрана на Името напишана од Проф. Игор Јанев, нема да има решение за Името во ООН и нема работите да тргнат во правец на достоинствено решение, односно воспоставување Уставното име Република Македонија во ООН! Треба на сите да им е јасно дека ДОСТОИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ СО ГРЦИЈА НЕМА ДА ИМА! НИКОГАШ!

Comments are closed.