Амбасадорот Арсовски им упати песна на преговарачите за името

Амбасадорот Љупчо Арсовски, дипломат од кариера, кој беше прв македонски амбасадор во Грција и долго ја вршеше оваа функција во Атина им упати денеска песна на министрите Димитров и Коѕиас.

Антологиските стихови на песната која има јасна пoрака ги напишал Блаже Конески во далечната 1955 година

ПОСВЕТЕНО НА ПРЕГОВАРАЧИТЕ

Везилка

1.

Везилке, кажи како да се роди
Проста и строга македонска песна
Од ова срце што со себе води
Разговор ноќен во тревога бесна?

— Два конца парај од срцето, драги,
Едниот црн е, а другиот црвен,
Едниот буди морничави таги,
Другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,
Песна од копнеж и песна од мака,
Ко јас што везам на ленена риза
Ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века
Од двете нишки, два созвучни збора,
Едната буди темница што трека,
Другата буди вкрвавена зора.

2.

Везилке, крени наведена лика,
Погледај в небо во претпладне златно:
Се шари таму и чудесно блика
Твојата везба на синото платно.

За тебе нема ни вечерен запад,
Ти — морно око на трепетна срна.
Две бои таму ти горат и капат,
Две шарки твои — црвена и црна.

Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
И најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
Дните ти минат, прокоби се гласат.

— И најмил спомен што в душа ми блесна
Се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
Ти си ја кажа судбината своја.

2 Коментари

  1. Takov tekst moze da se iskoristi kaj lugje koi vredi da go chitaat, koi ke go priberat vo glavata. A da se troshi hartija na onie koi poima nemaat seto toa shto znachi, samo ke se smeat za da i dokazat deka se “popametni”, – na svojata glupavost.

Comments are closed.