Амбасадорот на САД што ги уплаши левичарите – пишува Горан Момироски

Во Македонија има двајца американски амбасадори кои што се важни за медиумите, јавноста и таканаречените инфлуенсери.

Имињата на амбасадорот во Македонија Џес Бејли и во Атина Џефри Пајет кои со години се присутни во регионот се оската околу која се вртат македонските аналитичари и политичари.

Од вчера трет американски амбасадор го презема приматот на најспоменуван американски амбасадор во Европа, дури и за нашата јавност која вобичаено тешко гледа подалеку од Табановце.

Амбасадорот Ричард Гренел кој од пред еден месец е нов шеф на дипломатската мисија во Берлин именуван од претседателот на САД е човекот кој во наредниве месеци можеби и години ќе биде најспоменуван американски дипломат во Европа. Не затоа што се наоѓа во најмоќната европска држава туку затоа што отворено проговори за идниот курс на американската администрација на идеолошка основа на кој ќе се ангажира на стариот континент.

Во интервју за десничарскиот портал Брајтбарт за време на викендот Гренел даде изјава која што ги потресе Берлин, Брисел и Париз но пред се левичарските влади во Европската Унија. За Македонија нема никакви потреси затоа што оваа вест никој од медиумите блиски на левицата воопшто не ја споменува.

„Јас апсолутно сакам да ги засилам другите конзервативци ширум Европа“ изјави амбасадорот и веднаш доби барање за доообјаснување од земјата домаќин Германија. Затоа што иако тој не ја спомена, дел од јавноста таму оваа изјава ја сфати како американска поддршка за Алтернатива за Германија (АФД) која се води за радикална политичка партија која се граничи со екстремистичка организација пред се поради нејзините анти – емигрантски и анти – европски политики.

Иако во Германија во владата доминира централно десничарската ЦДУ на Ангела Меркел која е во сестринска коалиција со ЦСУ (партија која функционира само во Баварија каде што не е регистрирана ЦСУ), официјален Берлин побара разјаснување која десница ќе ја поддржи Вашингтон. Остатокот од владата вклучително и Министерството за надворешни работи им припаѓа на Социјалдемократите кои што најмногу се возбудија од изјавата на амабсадорот.

Барањето за разјаснување се однесува на делот од интервјуто на Гренел кој е „возбуден поради растечкиот бран на конзерватизмот во Европа“ и најавата дека ќе ги засили лидерите на конзервативните движења кои се шират на бранот на незадоволството на неуспешните политики на левицата.

Гранел во интервјуто вели дека лично му се јавиле многу европски конзервативци кои му рекле дека десното движење повторно оживува.

„Нема сомнеж во тоа и ова е возбудливо време за мене. Кога гледам наоколу гледам многу работа но мислам дека изборот на Доналд Трамп ги засили поединците и масите да кажат дека не можат да дозволат политичките елити да ги одредат работите пред тоа да го покажат изборите, кој ќе победи и кој ќе оди на избори“, изјавил Гранел за Брајтбарт.

Портпаролот на германското МНР Кристофер Бургер потврди дека од САД е побарано да објасни дали изјавата на Гренел е дадена во формата во која а пренесена и најави дека денеска тој ќе има прилика за време на првата посета на својот домаќин , шефот на дипломатијата Хајко Мас, да каже како сака во иднина неговите изјави да бидат разбрани.

Еден од најлојалните луѓе на претседателот Трамп во интервјуто зборува за мал круг политички и медиумски елити во Европа кои прават метеж зборувајќи дека лидерите на традиционалната десница немаат шанси да победат на избори и дека никогаш нема да ги имаат, притоа исмевајќи ги.

Гренел потсети и на анимозитетот од германските медиуми кон Трамп кој на насовната страница на магазинот Шпигел беше прикажан како ја сече главата на Кипот на слободата.

Амбaсадорот смета дека победничката стратегија на европските конзервативци се базира на прашања кои што го унапредуваат животот на обичните работни луѓе, на тивкото мнозинство а дека нивните кандидати можат да добијат масовна подддршка ако артикулираат конзистентна конзервативна политика кон миграциите, намалените даноци и бирократизираната администрација.

Оваа негова позиција особено во врска со миграциите е спротивна дури и на политиките на дел од европските десничари како Меркел на пример.

Практична потврда дека САД го менува фокусот на своите активности во Европа во контекст на идеолошката матрица која сака да ја промовира доаѓа од Италија каде според медиумските информациите на формирањето на новата десна италијанска влада влијаел Стив Бенон, основач на Брајбарт кој беше идеолог на Трамп пред и по доаѓање на власт по што се повлече.

Пораките на Гранел веќе имаат силен оддек и во другите држави на Европа каде што на власт или блиску до неа е десницата.

Последни земји каде што десницата однесе победа на изборите беше Словенија каде што поранешниот затвореник Јанез Јанша доби шанса да прави влада а предходно со убедлива победа на власт остана и Виктор Орбан во Унгарија.

Пораките на американскиот амбасадор се примаат и на Балканот каде што десни влади има во Србија, Хрватска, Бугарија но и во централна Европа и во сите други делови од ЕУ каде што десничарите се на власт или на чекор од неа.

Неговата пофалба за австрискиот канцелар Себастијан Курц кој е во коалиција со крајно десничарската ФПД, и именувањето на Курц како рок стар звучи како директна поддршка на Вашингтон на идните избори во Австрија.

Пораката за недвосмислена поддршка од американските амбасадор за сите десничарски влади ќе биде вистински ветер во грб за сите кои се наоѓаат на десната страна од политичкиот спектар. Поддршката макар и само вербална од најмоќната сила на светот е значаен фактор на кој мора да сметаат сите политички фактори во Европа на наредните избори, вклучително и за Европарламентот.

Дека пораките од САД не ги доживуваат лошо сите политички сили особено оние од десниот блок се виде уште во неделата кога Гренел и покрај контраверзните изјави учествуваше на работилница со голем број членови на ЦДУ на Меркел, организирана од министерот за здравство Јенс Шпан кој што како дел од хомосексуалната заедница се залага за редефинирање на конзервативната политичка идеја во Германија.

Дали и како овие нови ветришта од Вашингтон ќе бидат почувствувани и во Скопје и во регионот ќе се види допрва. Ако се суди според најавите на Гренел кој зборува генерално за сите десно партии во Европа и македонската десница наскоро може да добие ветер во грб за своите политики ако биде „конзистентна во промоција на конзерватизмот“.

Но пред тоа да се случи македонската десница олицетворена во ВМРО – ДПМНЕ ќе мора да расчисти со дел од табу темите кои што сеуште се присутни во нејзините редови, во прв ред правата на хомосексуалците да бидат прифатени како составен дел на политичката номенклатура во земјата. Нешто што во Европа одамна е практика.

Се разбира од Македонија и Балканот не се бара тоа да се случи преку ноќ ниту пак се очекува наскоро да се легализираат геј браковите како што тоа се случи лани пред изборите во Германија но сепак се очекуваат исчекори во ова и други прашања за кои политичките елити дури и тие со либерална провиниенција не докрај се отворени и храбри.

SHARE

Comments are closed.