„Стратеџик калчр“ го критикува Матис за агитацијата во Македонија

Џејмс Матис е главниот јунак во анализата на онлајн журналот „Стратеџик калчр“, чиј автор Брајан Клафли го критикува американскиот секретар за одбрана за агитацијата во Македонија за успех на претстојниот референдум за името.

„Резултатот ќе биде интересен, но Матис не успеа да ја види врвната иронија во фактот дека неговата посета на Македонија беше заради спроведување ‘кампања за пошироко влијание’, стоејќи до нејзиниот премиер Зоран Заев, кој објави дека ‘нема алтернатива за Република Македонија освен интеграција во НАТО и во ЕУ. Влијание, некој?“, реплицира порталот на изјавата на Матис при посетата на Скопје: „Не сакаме да видиме како Русија во Македонија го прави тоа што се обиде да го стори во многу други земји. Нема сомнеж дека тие префрлиле пари и оти исто така спроведуваат кампања за пошироко влијание“.

„Ти благодариме генерале Матис, човекот што рече дека ‘забавно е да се застрелаат некои луѓе’ и што обвинува дека Русија спроведува ‘кампања за пошироко влијание’ и што потоа дава сè од себе за да влијае врз Македонија преку обраќањето до нејзините граѓани дека ‘ќе се придружите на сојуз во кој земјите, големи и мали, работат заедно за одбрана на принципите што ги споделуваат за национален суверенитет, територијален интегритет и слобода од принуда и сеење раздор од Сирија до Украина’. Ова е од секретар за одбрана на нација што посеа катастрофален раздор во Авганистан, потоа во Ирак и преку целиот Блиски Исток до Либија, кои Пентагон и НАТО ги бомбардираа и ги доведоа во состојба на хаос во тоа што генерал Матис би можел да го нарече ‘кампања за пошироко влијание’“, додава авторот на анализата „Македонија во студената војна САД-НАТО“.

„Македонија веројатно ќе стане членка на антирускиот сојуз САД-НАТО, заедно со Украина, и конфронтацијата со Русија ќе продолжи да ескалира во новата студена војна САД-НАТО. И кој знае што друго би можело да биде испланирано од тие што ќе присуствуваат на идна воена вечера со Трамп. По сè, ‘забавно е да се застрелаат некои луѓе’“, завршува Клафлин.

 

SHARE