Во многу интересен тајминг, американски весник објавува напис за руските обиди да го минираат Договорот за решавање на долгогодишниот спор помеѓу Грција и Македонија како и за кампањата што ја водела  Москва да го попречи референдумот за преспанскиот договор.

Кон крајот на минатата пролет, пишува „Њујорк тајмс“ во текст од 9 октомври, Американците забележале дека Македонија е веројатна цел на влијание на Русија бидејќи Москва не е задоволна од договорот меѓу Македонија и Грција. На конференцијата во Атина три дена по договорот, врвен руски дипломат даде остри предупредувања до Западот за плановите за покана на Македонија во Алијансата.

„Секако, ние нема да фрламе нуклеарни бомби“, изјави Владимир А. Чижов, рускиот амбасадор во Европската Унија. „Но“, додаде тој, „постојат грешки за кои има последици“.

Заканата на Чижов доведе до серија дипломатски преписки до Вашингтон од Џефри Р. Пјат, американскиот амбасадор во Грција, кој беше на истата конференција, предупредувајќи дека Москва ќе се обиде да го спречи претстојниот референдум, а со случајот веќе се занимавале Стејт департментот, ЦИА и Европската команда на Пентагон, со седиште во Штутгарт, пишува весникот.

Американски функционери велат дека во јуни пресретнале комуникации што покажуваат дека Иван Савидис,  грчко-руски милијардер, поранешен член на руската Дума и сопственик на грчки фудбалски тим кој имал достап до „секој аспект на животот во Солун“ работел како руски канал за поткопување на договорот меѓу Грција и Македонија, пишува „Њујорк Тајмс“.

Американските функционери на тоа реагирале со невообичаено агресивен потег:  ги предале доказите на левичарската грчка влада на премиерот Алексис Ципрас. Грчката влада, невообичаено во односите со Москва, одговори со протерување двајца руски дипломати од Атина и со забрана за влез на уште двајца.

За американските разузнувачи и дипломати разоткривањето на Савидис и протерувањето на дипломатите било ретка победа во напорите за борба против руските дезинформациски кампањи во Европа и во САД.

„Возвраќаме и покажуваме дека и ние можеме да играме немилосрдно“, изјави Кристофер Р. Хил, поранешен амбасадор на САД во Македонија. „Можеме да поткажуваме, можеме да правиме работи што можеби во минатото не ги правевме“.

Според весникот, Савидис со години бил во радарот на американските и грчките разузнавачки агенции како член на партијата на Путин, Обединета Русија, и поради неговото богатство првично стекнато преку една руска тутунска компанија со голем број интереси низ северна Грција.

Во јуни американските официјални лица од следењето на неговите комуникации – електронска пошта, текстови, телефонски повици или комбинирано – заклучиле дека тој ги плаќал демонстрантите во Македонија кои се противеле на  референдумот.

„Во текот на летото се појавија стотици нови веб-страници со кои се бараше бојкот на гласањето и фејсбук-постови што ги повикуваа Македонците да ги запалат своите гласачки ливчиња, класични дезинформации во режија на групите поддржани од Русија, велат македонски и американски официјални лица“ пишува весникот.

Според „Њујорк тајмс“, американските агенции лесно успеале да соберат финансиски податоци што покажуваат дека Савидис стои зад исплатите на граѓани и фудбалски навивачи да поттикнат насилство против референдумот во Македонија.

Според Проектот за известување за организиран криминал и корупција,  Савидис им платил најмалку 300.000 евра на противниците на кампањата за преименување на Македонија, а овие исплати биле извршени преку над десет македонски политичари од разни партии, членови на неодамна основани радикални националистички организации и фудбалски хулигани од клубот Вардар, кои учествуваа во протестите пред македонскиот парламент.

Весникот, во обемниот текст го цитира американскиот секретар за одбрана Џим Матис кој на новинарите на 11 септември им изјавил дека „неприликите од типот на оние што ги практикува Русија, од Македонија до САД… секогаш се неприфатливи, што се однесува до мене.“

По ова тој замина во посета на Скопје во пресрет на референдумот на 30 септември за конкретно да ја пренесе пораката дека „сме на страната на македонскиот народ“.

Запрашан дали САД прават нешто за борба против руските напори да се мешаат во референдумот, Матис рече: „Да“. Тој одби да каже детали, но официјалните претставници на Одделот за одбрана рекоа дека и тие покренале информациски операции, заедно со владите на Македонија, Црна Гора и Украина, за да им се спротивстават на руските дезинформации на тамошните избори и референдуми.

„Ниту една од американските тајни заложби не може да прерасне во нешто ако македонскиот парламент не се согласи со промена на името. Но, премиерот Зоран Заев, кој неделава го испрати предлогот до пратениците, рече дека ќе распише предвремени избори ако ова не успее, заклучува на крајот „Њујорк тајмс“.

SHARE

Comments are closed.