Анкетна трговија со Албанци – пишува Горан Момироски

Како што во статистиката одамна е познато дека кога некој јаде месо а некој компир во просек сите јадат мусака и во македонската политичка статистика одамна нема дилеми дека анкетите неретко се обид на политичките партии да пренесат одредена порака до граѓаните.

Во случајот со последната анкета на МЦМС и Телма јасно се гледаат три главни политички мантри кои и се сервираат на јавноста:

Првата мантра е дека граѓаните не сакаат предвремени избори и со тоа му се дава алиби на премиерот Заев да бега од нив (затоа што е јасно дека СДСМ може да ги загуби)

Втората, дека рејтингот на премиерот Заев и покрај низата лаги, измами и политички вратоломии е сеуште енормно висок со што се отвора можност токму тој да биде кандидатот (профилот) кој ДУИ и Али Ахмети веќе го прикажуваат како „консензуален“

И третата, дека СДСМ и покрај тоа што огромен дел од граѓаните не се задоволни од одделните политики (кои МЦМС и Телма не ги истражуваат, или не ги објавуваат) има сериозна предност пред опозицијата.

Што значат процентите во апсолутни бројки на гласачи?

Пред да влезам во објаснување на нелогичностите или нејаснотиите во анкетата треба да се знае дека 1 % од анкетите формално во Македонија е околу 18,000 луѓе иако многумина тврдат дека реално во земја во која се иселени околу 400 илјади гласачи и во која објективно живеат 1 милион и 400 илјади гласачи поадекватно е 1 % да се смета за еквивалент на 14,000 луѓе.

Резерви за резултатите, се крие падот на довербата кај Заев

При анализата на последната анкета на МЦМС и Телма мора да се влезе во доза на резерва, не затоа што Сашо Клековски е несериозен аналитичар и испитувач на јавното мислење туку затоа што во неа има низа нелогичности кои ги анализирам овде.

Анкетата не може да скрие дека лидерот на опозицијата има речиси тројно поголем рејтинг во споредба со последната анкета спроведена во јули но притоа никаде не се открива дека Заев има намалување на личниот рејтинг од речиси 5 % во споредба со анкетите спроведени веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор кога дојде до рекордни 26 %.

Причините се јасни, за власта би било поразително да се прикаже дека премиерот кој ги има под своја контрола сите најмоќни медиуми, против себе има дестабилизирана опозиција и апсолутна поддршка од меѓународната заедница, за помалку од 5 месеци загубил речиси една петина од своите поддржувачи.

Апсолутно мнозинство од нив се етнички Македонци што во превод значи дека речиси 90 (70) илјади Македонци од Мај до сега ја загубиле вербата во претседателот на Владата.

Тие што се занимаваат со анкети најточно знаат што покажува ваквиот тренд и кон што тој неминовно ќе води ако нема драматична промена во политиките на власта.

Македонските Албанци светски рекордери

Ако се верува на анкетата на МЦМС лесно може да се помисли дека македонските Албанци се една од најревносните заедници на светот при исполнувањето на гласачкото право.

Во табелата во која се дава рејтингот на политичките партии по етнички групи Македонци/Албанци пишува дека 25 % од Македонците нема да гласаат за ниту една политичка партија што донекаде може да соодветствува со реалноста во која најмногу до 75 % од Македонците излегуваат на изборите без разлика дали се тие парламентарни или локални.

Она што е збунувачко во анкетата е што кај Албанците оваа бројка е 95 % односно според МЦМС само 5 проценти од Албанците нема да гласаат за ниту една политичка партија.

Тоа значи дека за разлика од последните локални и парламентарни избори кога во албанските средини излезноста беше околу 45 % сега Албанците ќе гласаат над двојно повеќе. Доколку не е некаква грешка во методологијата или во пресметувањето тогаш навистина се работи за класична манипулација за која очекувам дека МЦМС ќе даде објаснување.

Што значи 95 % излезност во анкетата?

За да ви биде појасно нивото на грешка или манипулација погледнета ја табелата подготвена од истражувачкиот проект Призма за излезноста во доминантно абанските средини на референдумот за името и на локалните избори.

Во голем дел од општините за да се оствари барем приближно анкетата на МЦМС ќе треба да гласаат повеќе од двојно граѓани Албанци од тие што излегле на референдумот или на последните општински избори. И на најобичниот лаик му е јасно дека такво нешто е невозможно дури и да дојде целата албанска дијаспора во земјава.

Она што може да се претпостави без да се има целосен увид во истражувањето на МЦМС е дека овие досега незабележани во светот фрапанти бројки од 95 % на потенцијална излезност кај една етничка група се користат за да се оправдаат други параметри во анкетата.

Како се билда рејтингот на СДСМ и Зоран Заев?

Според истражувањето на МЦМС партијата која што промени име и планира насила да го промени уставот и покрај неуспешен референдум, која што е дел од низа скандали во кои се вклучени високи владини функционери, која е соочена со секојденевна корупција, драматично зголемено задолжување, неуспех на сите можни економски полиња, еколошка катастрофа со загадениот воздух, вработување швалерки…… за само 100 дена од последната анкета кога имаше предност од 0,4 % направила разлика од 5,3 %.

Оваа разлика номинално може да се објасни само со енормно зголемен број на Албанци кои што би гласале за СДСМ и Заев. Притоа сега мора да се надоместат и Македонците кои што Заев ги загубил од август досега.

Затоа сега освен двојното зголемување на бројот на Албанци што би гласале за СДСМ (од 8 на 17,5 %) во споредба со Август во анкетата двојно се зголемува и нивото на излезност кај Албанците.

СДСМ губи Македонци но добива „огромен број“ Албанци

Сега ВМРО-ДПМНЕ има над 5% проценти предност пред СДСМ кај Македонците а според анкетата на МЦМС од август, кај етничките Македонци ВМРО-ДПМНЕ имала поддршка од 31,2% наспроти СДСМ со 28,3%. Ако разликата од овие проценти се помножи со бројот на гласачи од 1 милиони 800 илјади тоа значи дека за 4 месеци околу 55 илјади Македонци се премислиле и веќе не му веруваат на СДСМ.

За да се надокнади загубата на СДСМ никако не се доволни 17,5 % од Албанците при редовна излезност, туку фантастична излезност од 95 % каква што Македонија немала никогаш. Тоа практично значи дека анкетата дава целосно погрешна слика за рејтингот на партиите.

Процентот на доверба на Албанците за лидерите

За разлика од 5 % Албанци кои што нема да гласаат за ниту една политичка партија кај лидерите бројката е пологична и изнесува 25 %.

Зошто дури 20 % од Албанците односно околу 36 илјади луѓе би гласале за политичка партија а воопшто не би гласале за партиски лидер кој во македонската политичка арена најчесто е симбол на партијата, не може да се види во објавените резултати.

Како 17,6 Албанци станаа 0,2 % граѓани?

Друго прашање за кое МЦМС би требало да даде објаснување е како се случило 17,6 % гласови за Заев кај Албанците на ниво на сите граѓани да се претворат во само 0,2 %.

Според анкетата Заев има доверба од 21,2 % кај Македонците додека кај Албанците има 17,6 %.

Иако е логично како што кај Мицкоски кој кај Македонците има 10,8 % да се намалува општиот рејтинг на 7,4 % затоа што нема поддршка кај Албанците, истиот да се зголемува кај Заев поради големата поддршка од најголемото малцинство, општиот рејтинг на премиерот скока за само 0,2 %.

Ќе биде интерсно МЦМС да објасни како 17,6 % албански гласови кои што во апсолутни бројки се над 32 илјади гласови, општиот рејтингот на Заев го зголемиле за само 0,2 %.

Мајската анкета и ТВ дуелот Заев – Мицкоски

За читателите да имаат целосна претстава зошто авторот на овие редови смета дека вчерашната анкета на МЦМС најблаго кажано е збунувачка ќе ве потсетам на една слична анализа на expres.mk од мај оваа година во која беше предочена очигледна грешка за која никој досега не даде официјално објаснување.

Тогаш МЦМС во врска со ТВ Дуелот на Заев и Мицкоски прикажа дека според граѓаните премиерот победил иако реално МЦМС и Проспект – М воопшто не биле во можност да утврдат што граѓаните мислат за судирот на двајцата лидери пред малите екрани во временската рамка што самите ја дале.

Временска дупка во анкетата на ТВ Телма и МЦМС спроведена од „Проспект-М“