Апасиев: Причини зошто Уставен ќе го поништи референдумот

Со потсетување дека со распишувањето на „недозволениот консултативен референдум“, Собранието неосновано им ја одзема уставно гарантираната одлучувачка позиција на граѓаните, професорот Димитар Апaсиев во својот блог ги наведува суштинските аспекти поради кои Уставниот суд ќе ја поништи одлуката за референдум и ќе изрече времена мерка за суспендирање на сите предреферендумски активности.

„За стапување во сојуз или заедница со други држави, со Уставот е предвиден исклучиво облигататорен референдум и тоа не зависи од волјата на владејачкото мнозинство во Собранието“, наведува Апасиев и додава дека правниот ефект од вака донесената референдумска одлука е сосема различен, а неговите правни последици дури се и дијаметрално спротивни.

Нерешливиот правен проблем кој владејачката коалиција самата си го нанесе, е тоа што, всушност, македонското Собрание никогаш нема донесено формална одлука за членство во ЕУ, онака како што има донесено формална одлука за членство во НАТО (1993), туку само само три декларации (1998, 2000 и 2004) и еден меѓународен договор, наречен „Спогодба за стабилизација и асоцијација“ (2001).

„Ова е така, затоа што таквата одлука, вообичаено, се носи по завршувањето на долгите претпристапни преговори (и во најоптимистичните сценарија нашата земја, како дел од периферијата на Западен Балкан, не се очекува полноправно да пристапи во ЕУ до 2035 или 2045 година) и останува спорно зошто референдумот е распишан сега – петнаесет, дваесет или дваесет и пет години порано – и тоа за нешто што е сосем неизвесно дали и кога ќе се случи“, прашува професорот.

Следствено на правниот принцип познат уште од Римското право, дека „непознавањето на правото му штети првенствено на оној кој не го познава“, не може штетноста од ваквото изигрување на законите (fraudem leges) перфидно да му се потпикнува и префрла на народот, кој буквално е популистички манипулиран со провладината кампања „ЗА Европска Македонија“, пишува натаму Апасиев.

„Оттука, доносителот на спорниот акт не може да се смета себеси за слободен, на неумесен, самоволен и силеџиски начин, да дорегулира уставни прашања по свое наоѓање, секогаш кога за тоа нема да најде изречна забрана во Уставот – оти, во крајна линија, Уставот не е список на забрани или дозволи, туку супериорен и највисок државно-правен акт (lex superioris)!“, заклучува професорот по право Димитар Апасиев.

SHARE