Апел од expres.mk: Не пријавувајте туку кажете што мислите

Почитувани читатели,

Ви благодариме што се тука со нас во овие историски мигови за Република Македонија која што наскоро може да добие ново име.

Искрено ви благодариме за сите ваши коментари, лајкови, критики и споделувања затоа што тие се единствена сатисфакција за нашата работа.

Expres.mk како критички кон владата настроен медиум ( и кон сите идни влади кои прават грешки) деновиве се соочува со сериозни проблеми при споделувањето на нашите содржини на социјалните мрежи преку кои нашите текстови доаѓаат до вас.

Проблемите се предивикани од политички центри на кои не им се допаѓаат нашите содржини.

Посебна приказна се групите читатели кои по налог на политички партии не пријавуваат на социјалните мрежи со цел јавноста да не се информира целосно за состоjбите.

Ние апелираме до вас да не се придружувате кон овие партиски налози и чекори кои се штетни за слободата на говорот.

Освен ако не се работи за јасен говор на омраза, повикување на насилство, прекршени авторски права или објавување на приватни информации Ве молиме не пријавувајте ниту еден медиум затоа што не се согласувате со неговата уредувачка политика.

Напротив ставaјете лајкови, споделувајте и коментирајте, не само на нашите содржини на Expres.mk туку на сите други портали и медиуми кои што ви се допаѓаат или за кои имате некаков коментар.

Слободата на изразувањето не се гради со блокирање на медиуми, портали, или блогови затоа кажете го вашиот став за се, но не спречувајте јавна комуникација и медиуми да информираат.

Уште еднаш ви благодариме за вашата поддршка и знајте дека секој ваш лајк, споделување и коментар дури и кога е негативен го чувствуваме голем како планина.

Ве предупредуваме дека поради новите тактики на политиката се потешко ќе ги добивате нашите содржини преку социјалните мрежи и дека најдобро е сами да отворите на нашиот сајт ако сметате дека има причина за тоа.

Целосно разбираме дека голем дел од вас се плашат да стават лајк, да коментираат или да споделат информација од expres.mk поради политички притисоци и страв од последици. Ви благодариме и вам што секој ден доаѓате на нашата страница ризикувајќи да ве фатат дека читате „непожелни“ медиуми.

Со почит,
Тим expres.mk