Претседателот на Државна агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, главниот секретар и уште дваесетина други лица се приведени под сомнение за злоупотреба на службената положба, фалсификување документи и поткуп при издавање уверенија за бугарско потекло.

Заменикот главен обвинител Иван Гешев соопшти дека обвиненија ќе бидат покренати најрано утре, а повеќе детали за акцијата ќе бидат објавени в среда.

Повод за акцијата што се спроведува во Софија, во Ќустендил и во Плевен се информациите за издавање потврди за бугарско потекло, врз основа на кои потоа се добива државјанство, за 5.000 евра, а на предметот се работело во последните четири месеци.

Освен службени лица од Агенцијата за Бугарите во странство, во организираната криминална група имало и посредници што наоѓале луѓе заинтересирани за добивање бугарско државјанство без да имаат бугарски корени. Се барале луѓе од Украина, од Молдавија и од Македонија, на кои им биле издавани лажни документи за бугарско потекло. Допрва ќе се проценува колкав е генерираниот профит, како и колку граѓани од трите наведени држави незаконски добиле бугарско државјанство.

Направената проверка во Агенцијата во февруари 2014 година покажала груби нарушувања при издавањето потврди, врз основа на кои се добивани бугарски пасоши, со кои потоа лицата слободно се движеле низ Европска унија. Тогаш станало јасно од каде двојно поголемиот број на натурализирани Бугари врз основа на бугарско потекло во периодот од 2010 до 2012 година. Од добро разработената шема корист имале илјадници странци без никакви бугарски корени, а од друга страна луѓе со бугарско потекло не добивале државјанство.

Харалампиев ја презеде функцијата во ДАБЧ во мај 2017 година на препорака од вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

 

SHARE

Оставете Коментар