Маркус Рохо постигна брилијантен гол со волеј четири минути пред крајот за триумф над Нигерија од 2:1 во Санкт Петербург и пласман на Аргентина во осминафиналето на Светското фудбалско првенство во Русија.

Двократниот светски шампион беше на прагот на срамна елиминација пред дефанзивецот на Манчестер јунајтед да влета во шеснаесетникот и нафрлената топка одддесно од Габриел Меркадо да ја спроведе директно во нигерискиот гол.

Не помалку прекрасен беше и водечкиот гол на Лионел Меси во 14. минута од контранапад што му го сервира Евер Банега, а Нигеријците израмнија од пенал преку Виктор Мозес во 51. минута.

Како второпласирани во групата Д, Аргентинците комплетираа спектакуларна двојка во првата елиминациска рунда со поранешниот светски првак Франција в сабота во Казан.

Наредниот ден во Нижни Новгород, пак, Хрватска, која го совлада Исланд со 2:1 и се зацврсти на врвот во групата со максимални девет бода, ќе игра со Данска. Бадељ и Перишиќ погодија за Хрватите, а Сигурдсон претходно привремено израмни од пенал.  Данците, пак, одиграа без голови против Французите.

Во другиот меч од групата Ц славеше Перу со 2:0 над Австралија со головите на Карилјо и на Гереро.

 

SHARE