Фудбалерите на Аргентина се соочуваат со рано пакување на куферите и заминување од Светското првенство во Русија, откако несфатливиот кикс на голманот Вили Кабалјеро ѝ го отвори патот на Хрватска до триумфот од 3:0 за место во осминафиналето.

„Прво и основно, ги молам навивачите за прошка. Реалноста на аргентинскиот состав ја засенува брилијантноста на Меси. Тимот не го испорачува тоа што би требало. Хрватите беа одлични, но откако го примивме првиот гол ја загубивме главата и бевме емоционално скршени. Не можевме да го смениме текот на средбата“, изјави аргентинскиот селектор Хорхе Сампаоли.

Вечерта во која (пре)многу се очекуваше од аргентинскиот капитен Лионел Меси неговиот соиграч Кабалјеро со почетнички обид да го префрли Анте Ребиќ само му ја сервираше топката на Хрватот, кој со волеј ја заби во мрежата на „гаучосите“ во 53. минута.

Меси, невидлив во поголемиот дел од натпреварот, посебно во првото полувреме без голови, многу се трудеше во вториот дел, но ниту тој, ниту напаѓачите Гонзало Игуаин и Пабло Дибала по влегувањето во игра од клупата не ја спасија својата репрезентација од бродоломот во Нижни Новгород.

По водството „коцкестите“ се определија за чување на предноста до магичниот момент на нивниот напаѓач Лука Модриќ, кој во завршницата од мечот со прецизен удар надвор од шеснаесетникот ја зголеми позитивата на Хрватите.

Неочекувано високата победа на Хрватска ја запечати Иван Ракитиќ во судиското надополнување на времето.

Судбината на Аргентинците повеќе не е во нивните раце, бидејќи по овој пораз, заедно со ремито 1:1 против Исланд на стартот од мундијалот, кога Меси не реализира пенал, залуден ќе биде и висок триумф над Нигерија во вторник ако Хрватите и Исланѓаните одиграат нерешено во меѓусебниот дуел од последното коло во групата Д.

Франција го совлада Перу со голот на Килијан Мбапе во првото полувреме од дуелот од групата Ц во Екатеринбург.

Данска и Австралија одиграа 1:1 во мечот од истата група, во кој Данците поведоа преку Кристијан Ериксен во 7 минута, а израмни Миле Јединак од пенал во 39. минута.

„Триколорите“ се веќе меѓу 16. најдобри по двете победи досега на шампионатот, а Данска и Австралија во последното коло ќе претендираат да бидат вториот патник од групата што ќе игра во следната фаза, при што Данците имаат три бода повеќе од Австралијците.